Колонијалната власт врз Индискиот подконтинент започнала како окупациски режим кој бил наметнат не од друга држава, туку од една приватна трговска компанија.
Компанијата British East India започнала да тргува на далечниот исток уште во 1600 година. Монополот во таа трговија го стекнале со брутално насилни методи. Низ бројни вооружени судири, успеале во рок од стотина години да ги елиминираат конкурентските португалски и француски фирми.

Наредното столетие е време на големи промени. Во Европа и Америка се повеќе созрева моралната осуда на ропството. За British East India, и сестринската фирма Dutch East India, кои биле водечка сила во прекуокеанската трговија со робови, законите за укинување на ропството го означиле и крајот на нивните ѕвездени мигови од алчност, огромни профити и неограничена слобода во најбезобѕирната експлоатација на далечните народи.
Борбата за ослободување била идеја која се повеќе земала замав.

Поттикнат од идеите што Толстој ги изложил во неговото “Писмо до еден Индус“, Ганди го одбрал зборот Satyagraha (цврсто, или неумоливо придржување кон вистината) за својот метод на борба. Негова прва поголема акција низ која на дело го спровел ова начело, е таканаречениот “Марш на солта“
За 24 дена, од 12.март до 30.април 1930 година, Ганди поминал одејќи пеш 384 километри, од Ахмедабад до селото Данди покрај Индискиот Океан. Целта му била: со личен пример и на дело да покаже дека од тој момент па натаму нема да го почитува законот за производство и трговија на сол.
Британската колонијална власт вовела закон со кој производството и трговијата на сол станале британски монопол. На Индијците им било забрането да продаваат, произведуваат или собираат сол. Не смееле да земат сол дури ни таму кадешто ја има на отворено во природата.
Ганди жестоко ја осудувал неправедната природа на овој закон.
Уривањето на овој закон Ганди го гледал како прв чекор на долгиот пат кон независноста.
Пред да тргне на пат кон океанот, Ганди му напишал писмо на лордот Ирвин, тогашен британски вицекрал за Индија. Го известил за својата намера. Му ставил до знаење дека не само што е цврсто решен самиот да го прекрши неправедниот закон, туку и ќе ги повика сите свои сограѓани да го сторат истото. Ирвин не му одговорил.
Ганди го започнал маршот кон Данди со 79 следбеници. Во селата по патот зборувал со народот и им ја објаснувал идејата. “Ќе бидам уапсен, ќе ме затворат. Ама тоа не смее да ве обесхрабри. Не се плашете ако ве уапсат и вас. Нема толку затвори за да не држат сите“.
Кога стигнал покрај морето, веќе имало 60 000 луѓе по него.

Ганди прв зел грутка сол од брегот, им ја покажал на луѓето, и им рекол “Ги затресов темелите на Британската Империја“.
Походот продолжил покрај брегот на океанот. Секојдневно, илјадници нови луѓе доаѓале за да се придружат и да собираат сол.

Британците, откога виделе дека работата е сериозна, решиле да реагираат – онака како што предвидел Ганди. По колонијалниот правен систем, Индијците можеле да бидат затварани без судска пресуда. Така бил уапсен Ганди, и уште илјадници други луѓе по него.
Но, веќе било доцна. Идејата веќе била масовно прифатена. Сега веќе не илјадници, туку милиони луѓе собирале, продавале и купувале сол отворено прекршувајќи го колонијалниот закон.
Настанот предизвикал голем интерес ширум светот. Цензурата не можела да ги сопре новинарските известувања. Публицитетот бил огромен.
Надмената британска власт била фатена на препад. Останале збунети, да не знаат како да постапат. Биле фатени во стапица: со секој новоуапсен шверцер на сол, создавале нов маченик за праведната цел, и ја покажувале бруталноста на сопствениот режим. “Помило ќе ни беше ако имавме вооружен противник“ – зборувале во британската влада.
Ненасилниот отпор продолжил до почетокот на 1931, кога Ганди бил ослободен од затвор. Законот за солта не бил укинат веднаш, ама односите биле веќе неповратно сменети.
Маршот на солта ја поставил сцената за независноста на Индија.
Поуката и за Индијците, и за Британците, била токму онаква каква што ја дефинирал Толстој: дека власта не е возможна без согласност од владеаните. Маршот на солта ја стопил таа согласност во морето.
И додека Винстон Черчил признал дека
… Нехру го проценил препородот што едновремено се случил кај Индијците

Нема никаква логика, никаква врска, никаков смисол, да се споредува конструктивниот молк на Мицкоски со ненасилниот отпор на Ганди.
Дека одбегнувањето насилство во никој случај не значи пасивност, слабост, страшливост и признавање на поразот, туку дека е тоа највисока форма на активно спротивставување, најубаво ни кажува самиот самиот Ганди. Со негови зборови:
“Ако изборот е меѓу кукавичлук и насилство, препорачувам насилство. Повеќе би сакал Индија да посегне по оружје за да се одбрани, одошто плашливо и кукавички да остане беспомошен сведок на сопственото обесчестување.“
“Јас верувам дека ненасилството е бескрајно помоќно од насилството, и дека простувањето е поголем знак на машкост од казнувањето. … но воздржаноста значи простување само ако имаме моќ да казниме некого; бесмислено е ако доаѓа од беспомошно суштество.“
“Но јас не верувам дека Индија е беспомошна … ниту пак дека јас сум беспомошно суштество. Силата не произлегува од телесната моќ, туку од нескршливата волја.“
Пораката што Ганди пред 90 години му ја има упатено на Мицкоски, и на неговото бегство од слободата и вистината, е кратка, јасна, прецизна, и погодува како стрела:

“Нема компромис за она што е фундаментално“.