Tреба ли, за политичарите да се воведе задолжителна психијатриска дијагноза?
Во одговор на ова прашање, д-р Горазд Росоклија, на неговиот фејсбук статус, го посочи начелото дека задачата на науката, специјално медицинската, е да служи пред се за доброто и благосостојбата на човекот. Воедно укажа и на моралната бездна кон која би не одвело кршењето на овa начело:
Моментот кога професионалниот авторитет ќе се употреби како алатка за деструктивни и ниски политички сплетки, (нешто што не може да биде одбегнато во дадениот контекст), ќе го означи и крајот на тој авторитет.
Штета е што за многумина наши универзитетски авторитети, нивото на беспрекорен личен и професионален интегритет што го покажува д-р Росоклија е мислена именка. Прв и најистакнат пример е секако правниот факултет “Јустинијан Први“, кадешто испреплетеноста на византиските политички интриги со научната работа е толку длабоко навлезена во ткивото на самата образовна институција, што го поставува под знак на прашање и нејзиниот углед како таква.
“Духовен татко“ и иницијатор на авантурата со признавањето на Тајван во 1999 година беше д-р Васил Тупурковски, професор по МЕЃУНАРОДНО ПРАВО на факултетот “Јустинијан Први“.

Идејата на ценетиот професор беше дека, во замена за доволно голема сума на пари, Македонија може да си го дозволи луксузот на најдрзок начин да искаже дека не го почитува суверенитетот на една голема и силна држава каква што е Република Кина. Да објави дека веќе не ги признава парламентот и влада во Пекинг, и дека наместо тоа воспоставува односи со кинеската влада во егзил, на островот Тајван.
Меѓу запалените приврзаници на ова политичко и професионално салто мортале на Тупурковски, посебно истакнато место има д-р Светомир Шкариќ, универзитетски професор по УСТАВНО ПРАВО. Во рамките на тогашната театарска претстава, д-р Шкариќ оствари студиско патување на Тајван, со декларирана цел “проучување на тајванскиот устав и уставните промени од 1991 – 97“.
Има еден голем проблем со уставот на Тајван. Донесен е во 1947, во поинакви историски услови. Проблемот со овој законски акт е во тоа што не го регулира уредувањето на Тајван како посебна држава, туку се однесува на територијата на цела Кина.

Во 1949 година, исходот од внатрешната борба во Кина бил таков што Чанг Кај Шек, под заштита на американската Петта флота, пребегал на Тајван, заедно со владата и пратениците од неговиот парламент. Тука ги обновиле државните институции надевајќи се дека еден ден, повторно со американска помош, ќе се вратат и ќе ја преземат власта во Кина.
Но, тој ден никогаш не дошол. Во деведесеттите години на минатиот век, кога пратениците избрани во 1947 веќе почнале еден по еден да умираат (тајванскиот парламент работел во неизменет состав од војната до тогаш), се започнало со уставни промени во согласност со новата реалност. А таа реалност била дека речиси сите светски субјекти, вклучително и САД; го признаваат Пекинг, а не Тајпеј како влада на Кина. Дел од тогашните измени на тајванскиот устав бил и членот дека “за народни претставници од останатите кинески провинции, во парламентот може да бидат бирани и жители на провинцијата Тајван“.

Дали од д-р Шкариќ, по неговото враќање од Тајпеј, слушнавме некој збор за сето ова, за неизмерната престапност и недозволивото газење на основниот принцип на меѓународното право, ДРЖАВНИОТ СУВЕРЕНИТЕТ, од страна на д-р Тупурковски? Бог да чува и да брани од такво нешто. Д-р Шкариќ, ни даде осврт само на безначајни технички детали од тајванскиот устав, и со тоа ни стави на знаење по колку ефтина цена е подготвен да се поздрави со својот професорски углед и авторитет.
Уште почудно е тоа што во тоа време никој, апсолутно никој, од бројните нивни колеги – научни работници, не се јави барем со морална осуда на штетата што Тупурковски и Шкариќ ја прават не само врз сопствениот, туку и врз угледот на факултетот воопшто.

Во удобниот амбиент на неговиот дом со прекрасен видик кон Дојранското Езеро, изграден на имотот што кралството СХС му го има доделено на неговото семејство доселено како српски колонисти во дваесеттите години на минатиот век, сега пензионираниот професор д-р Шкариќ, со подеднаква жар како што на времето се залагаше за проституцијата со Тајван, овој пат надолго и нашироко му објаснува на присутниот новинар колку е “добар“ договорот меѓу Заев и Ципрас. Слично како и тогаш, сета негова професорска говорничка вештина, елоквентност и ерудиција, сите латински термини и сите цитати на светски академски авторитети, д-р Светомир Шкариќ им ги посветува исклучиво на небитните технички детали од договорот. За она што е најбитно, ГАЗЕЊЕТО ПО ОСНОВНИТЕ ПРИНЦИПИ НА ПРАВОТО, нема ниту збор.
Битен дел од договорот Заев – Ципрас е насилното менување на историјата: грчкиот етноцид во Македонија да биде избришан, а непријатниот дел од минатото да биде заменет со една историска фатаморгана – дека регионот Македонија од антиката до денес бил во секој поглед – културно, етнички, јазично и религиски – исклучиво грчки. Како надомест за за подарокот што и го дава на Грција, нашата држава добива една друга фатаморгана – замислената благосостојба од претпоставеното идно членство во НАТО и ЕУ.
Да ја оставиме настрана проценката за профитот од трговијата со илузии. Единствено што е реално и вистинско е – дека ваквото пазарење е спротивно на принципите на правото.
Правото ги прифаќа договорите меѓу спротивставените страни како метод за решавање на спорови без судска постапка. При развод на брак, поделба на наследство, спор околу имот, или бизнис зделка, договорот меѓу двете страни има иста правна сила како и судска одлука.
Но, ако предмет на спорот е кривично дело, тоа не може да биде разрешено со меѓусебен договор меѓу злосторникот и жртвата. Одговорноста за кривично дело не може да биде анулирана со имотно-правен договор. Гонењето на извршителите на кривични дела е во надлежност на правниот систем, а не приватен проблем на оштетениот. Државата пак, не може да ги решава кривичните предмети со пазарење и да ја определува пресудата во зависност од тоа што ќе и понуди обвинетиот. Државата е должна да спроведе некаква правда, а не пазар.

Грција не може да биде ослободена од одговорноста за тоа што го има направено во Македонија. Ниту пак македонската држава има право да стави цена на таа одговорност.
Но, ништо не е мат за Шкариќ. Како и во епизодата со тајванската проституција, така и денес, за него, износот во долари и центи има приоритет пред било кој принцип на правото. Како и тогаш, така и денес, професорот паѓа на испитот на етиката и моралот.
Шкариќ може да се занесува дека ќе му биде релативно лесно и едноставно да го убеди простиот народ околу него дека е “добро“ да се заборави историјата. Арно ама, со тоа само кажува колку самиот тој е заглавен во своето неславно минато, во самоубиствениот менталитет на колонијален господар кој сеуште живее со илузијата за сопствената грандиозност, со илузијата дека еволуциски е нешто повеќе од масата неуки селани кои станале поданици на неговиот крал по силата на оружјето и измамата, и дека негово природно наследно право му е да се пазари со Елада за поделба на заедничкиот плен.
Професоре Шкариќ, еден совет за тебе: сокри се, не излегувај пред камери. Со секој кажан збор, само покажуваш само колку безвредно и колку бесмислено е се што си постигнал во животот до сега. Не дозволувај било кој лаик да може аргументирано да докаже дека твоите толкувања на правото се чиста перверзија, а ти, со сето твое знаење и правничко образование, да не си ви состојба да одговориш. Престани да го доуништуваш она што останало од твојот професорски авторитет. Остави ги Македонците да ја водат својата македонска борба. Тргни се настрана и не влегувај таму кадешто не ти е местото. Нема за тебе ништо во зделката Заев – Ципрас. Ако нешто од таа зделка евентуално и успее да се спроведе, евентуалната награда ќе им следува на македонските квислинзи, а не тебе. Разбери дека дури и во твојата Србија веќе одамна се ослободени од замислено супериорнот воинствен менталитет, и многу повеќе знаат да ги ценат вистинските вредности. Ти остануваш како осамен мастодонт, жив, но прегазен сведок на едно одамна минато време и одамна прегазени идеологии, кога цената на себепродавање била ниска, ниска …
