Код: “Монструм”

Приказна прва

1.мај 2012:

На само две недели по убиствата кој Смилковското Езеро, Гордана Јанкуловска победоносно ја запозна јавноста дека рано утрото, со математичка прецизност, е изведена антитерористичка акција во која 800 припадници на силите на безбедноста имаат неутрализирано и лишено од слобода

“група од 20 радикални исламисти, кои војувале во Авганистан и Пакистан против НАТО војници”

На грижливо подготвената сцена, пред бројните телевизиски камери, министерката ја просветли нацијата дека основниот мотив на убиствата бил да се создаде страв и несигурност кај населението. Убиствата имаат меѓународна димензија бидејќи “Република Македонија е дел од глобалната коалиција за мир, и со самото тоа е цел на нападите на радикалните исламисти“.

“Република Македонија е дел од глобалната коалиција за мир, и со самото тоа е цел на нападите на радикалните исламисти“
Приказна втора

28.април 2015

На прес конференција со подеднакво грижливо подготвена сценографија, Зоран Заев ги најави најсилните “бомби” со кои конечно ќе биде разнесен режимот на Никола Груевски.

Со театралност рамна на театралноста што во февруари 2003 ја прикажа Колин Пауел во Советот за безбедност на ООН, Заев ги подигна емоциите до точка на вриење, најавувајќи ги најсензитивните материјали за случајот “Монструм”. Исто како шишенцето антракс во раката на Пауел, касетата во раката на Зоран Заев беше мамката за масовно придобивање приврзаници на неговата кауза:

“Овде е случајот со Смилковско Езеро, овде е Никола Младенов, што тоа се случило, … овде е и името… Вистината ќе ја споделиме со граѓаните и ќе се случат протести“.
Приказна трета

27 март 2018:

Конечно, Никола Димитров ја доби својата шанса да ги истретира со шок-терапија од висок напон стаписаните присутни новинари на уште една театрална прес конференција. Ни стави на знаење дека лекцијата од Јанкуловска не смее да биде заборавена. Ниеден важен настан не е линеарен ниту изолиран. Димитров објасни дека рускиот дипломат мора да биде протеран зашто бил фатен

“во “обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија”

Исто како што убиствата кај Смилковското езеро се цената за нашето учество на страната од НАТО во војната против против меѓународниот тероризам, и денешното официјално објавување непријателство кон Русија има своја глобална димензија и повисока цел. Наша света должност е да дадеме се од себе во “походот кон истокот“ (“Drang nach Osten” ) што го презема НАТО.

Заеднички именител

Која е заедничката порака од сите три македонски народни приказни? Во секоја една од нив:

  • искажани се безочни лаги
  • се лаже свесно,  намерно, и без никаква грижа на совест
  • лагите ги “пуштаат во оптек” личности на висока и одговорна позиција
  • туѓата несреќа се користи за себепромовирање и пропаганда

Не е проблем да се пронајдат фалинките во шокантните приказни конструирани од “нашите” политичари. Доволно е само куса временска дистанца, само малку да се смират емоциите, за да може да се постават нормални, суштински и разумни прашања.

Кои класифицирани информации биле цел на рускиот дипломат? Одговор на ова прашање не треба да очекуваме од Димитров, кој веројатно сеуште нема добиено инструкции што да каже.

Патот кон одговорот ќе биде поедноставен ако го поставиме поинакви прашања. Како на пример:

Со какви класифицирани информации располага Македонија? Нови технологии на супер-оружја што ги развива нашата воена индустрија? Тактички план за инвазија на Грција? Финансиски стратегии за да предизвикаме колапс на берзата во Њујорк?

Ако подобро размислиме, и една по една ги елимираме сите бесмислени претпоставки, ни останува само едно нешто со реална геополитичка тежина. Ако некој има интерес или намера да влијае врз процесите во Македонија, се што му е потребно и доволно за таа цел, го има во “бомбите” на Заев.

Притоа, содржината на “бомбите” е споредна. Многу поважен е податокот дека реално постои еден ваков арсенал на софистициран разузнавачки материјал што може да биде активиран по потреба. А тоа пак значи дека во Македонија постои систем на разузнавање овластен да следи, прислушкува и собира детални информации за секого и на сите нивоа, од најобичен граѓанин па се до врвот на државата, Со други зборови, имаме “наддржавен” мета-разузнавачки систем чија база на податоци може да биде извор на неограничена моќ.

Доколку руската дипломатска мисија во Скопје навистина успеала да го пробие кодот на оваа наша монструозна наддржавна тајна, тоа би било разузнавачко достигање достојно за респект. Но, подобро да не се занимаваме со шпекулации од типот “што би било, кога би било”. Единствено што е извесно во моментов е – дека Димитров бесрамно лаже. По функција, тој има пристап до “класифицираните” информации што ги имаат државните служби, но пристапот до вистински важните информации, оние од “наддржавен” карактер, му е строго ограничен. Тоа значи дека многу нешта не му се познати.

Времето покажа дека лагата на Гордана Јанкуловска беше само пренадуен балон од кој, откако постепено е издишан, нема останато ништо. И пилците знаат дека нема Албанец во Македонија чиј идеал е да го положи животот во светата борба против НАТО и САД. Нејзината искривена логика служи само за да создаде конфузија во умовите на оние што ја слушаат. Нејзиното парадирање пред телевизиските камери ќе остане само како сведоштво на едно време за кое сите попусто посакуваме да биде само дамнешно минато.

Операцијата "Монструм"

Сепак, по перфидноста, макијавелизмот и монструозноста на изречените лаги шампионското место без конкуренција му припаѓа на средно богатиот бизнисмен од Муртино. Ако има нешто што заслужува да го носи името “Монструм”, тоа е подмолноста со која Заев има згазено врз болката на семејствата на загинатите момчиња, и врз неподносливата мака на луѓето притиснати од дебилизираната, но сепак совршено функционална машинерија за репресија на Груевски. Нема ништо во него освен грамзивоста и безобѕирната алчност за власт.

Колин Пауел, десетина години откако Ирак е претворен од држава во хаос, јавно има признаено дека дека она што го зборувал во 2003 не било вистина. “Тогаш верував дека е така” е одбрана која изгледа дека му е прифатена ако не на друго место, барем кај него дома.

Прашањето за нас денес е, колку на “нашите” домашни лажговци ќе им се даде можност во иднина, ако некогаш се побара одговорност за извршенот криминал, да се користат со вакви или слични олеснителни околности. Денес секој еден од нив се однесува дрско, безобразно и арогантно заради тоа што се свесни дека, под околностите што ги имаме сега, нема никогаш да им биде побарано да дадат отчет за она што го прават. Нашата задача, искажана со зборовите на Доналд Трамп, е: да биде исушена барата-легло во која се котат паразити од секаков тип.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top