Криминална приватизација на “прашањето за името“

Да бе. Баш на таа карта ќе играме.

Колумната на Горан Михајловски Пазарење и ќарење е краток, но сепак целосен приказ на сржта на криминалната идеологија на врхушката која денес во Македонија ја има власта во свои раце,

а таа идеологија е:

Ако заедничкото богатство на едно општество или нација биде ставено под контрола на малцинство кое никому не му должи отчет за тоа што прави,

… и ако зијанот и непоправливата штета што тоа малцинство без одговорност ќе им ги нанесе на многумина, се есапи како “оправдано ниска цена“ за сопствениот ќар,

… тогаш, тоа значи дека сме нашле ефективен начин за устоличување на нова аристократија од “средно богати европејски бизнисмени“.

Пред дваесет и кусур години, националното богатство на Македонија е уништено, растурено, десеткувано. Деструкцијата на економијата и осакатувањето на животот на повеќе десетици илјади луѓе биле третирани како “оправдано мала цена“ за преминот на еден тесен круг на нивни сограѓани во класата на “средно богати“ или “навистина богати“ капиталисти.

Владеачката елита од тоа време го решила предизвикот на промените со тоа што изнашла метод ефективно да го “приватизира“ процесот на приватизација, односно да го исклучи мнозинството законски сопственици на општествениот имот од тој процес.

Криминална приватизација на процесот “за името“

Денес сме исправени пред еден сличен предизвик. Никој не може со сила или закана да ги принуди законските носители на македонскиот национален идентитет своеволно да се откажат од она што е нивно неотуѓиво право.Заради тоа, се бара начин да се “приватизира“ процесот со кој би се донела конечна пресуда за елиминирање името Македонија.

Се бара начин да се исклучи мнозинството од тој процес.

Идеите што ни ги нуди авторот на познатата серија колумни “Сакам да кажам“, се 103,2% во склад со духот на криминалната приватизација.

Првиот чекор што ни го нуди Горан Михајловски е – да ги подели Македонците на класи. Оние кои “имаат право“ да одлучуваат за својот идентитет, и оние кои го немаат тоа право:

“Ајде да пробаме, ние што останавме да живееме во Република Македонија и што не извадивме бугарски пасоши и што немаме работна виза за Германија, ниту зелена карта за Америка, да разговараме разумно за преговорите со Грција и за прашањето за името“

Ова е почетокот, а неговата идеја понатаму други ја разработуваат и дотеруваат. Кругот на оние кои не само што треба да бидат елимирани од процесот на одлучување за сопствениот идентитет, туку и да бидат лишени и од правото да зборуваат на таа тема, секојдневно се проширува со нови категории и подкатегории на “непожелни“.

Методологијата што се применува денес е идентична со онаа од времето на криминалната приватизација. Отровот на медиумите се исфлра од сите артилериски орудија не со хируршка прецизност, туку со она што во речникот на НАТО се нарекува “тепих од бомби“. Да не остане ни мравка жива.

Логиката на архитектите на денешната “приватизација“ е: “ако со овој метод еднаш веќе успеавме ем многу да уништиме, ем да ќариме доволно и за нас, зошто да не го примениме пак?“

Вредности според кои се раководиме

Горан Михајловски воопшто не се претргнува од грижа на совеста, и без многу вртење наоколу го става на маса она што за него е приоритет број еден:

“Значи, во овој момент, по цели 27 години, глупаво е да се прашуваме „Зошто се пазариме?”. Вистинското прашање е: „Што сакаме од тој пазар да ќариме?“

Притоа, она што не е кажано, а се подразбира. е дека “ќарењето“ на Горан Михајловски е замислено да биде на ист начин како и “ќарењето“ при криминалната приватизација. Зијанот и непоправливата штета што ќе им биде нанесена на многумина, ќе се смета за “оправдано ниска цена“ за “ќарењето“ на малкумина, односно за устоличувањето на неколкумина нови “средно богати европејски бизнисмени“.

За крај: клучевите од царството

… Горан Михајловски ни го објаснува и најважниот елемент, без кој не е можно ниту да се замисли, ниту да се изведе, денешното криминално приватизирање и одземање на она што е во суштина неотуѓиво право на секој човек:

“Инженерите учат германски, фармацевтите учат норвешки, а медицинските сестри и без јазик ги примаат секаде, оти сите власти во минатите 27 години достојно им го одбранија достоинството.
МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА БЕЗ ИНТЕЛЕКТУАЛНА СИЛА.
Без движечка сила за мислење што може да донесе прогрес.“

Тоа е појдовната точка на арогантната самоувереност со која актерите на “компромисот“, гледајќи со презир врз “простата маса“ надмено и без никаков страв дека ќе бидат кривично гонети, изјавуваат. “ќе го правам ова, зашто ми се може. Во државата никој нема доволно ум за да ме сопре. Сите такви веќе одамна ги имам избркано надвор“.

Ќе го поздравиме Горан Михајловски со два збора: Господине Михајловски, се имате заебано во сметките. И тоа гадно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *