Конформизмот, мојата животна школа

Психолошките операции

Психолошките операции (на англиски PSYOPS) се метод на војување без вооружено насилие. Се состојат во планско пуштање информации со кои се влијае врз емоциите, мотивираноста, моќта за објективно резонирање, и моралот на спротивставената страна.

Пропагандните пораки чија цел е да се скрши моралот на противникот може да дојдат директно од напаѓачот. Еден таков пример ни се летоците што во втората светска војна германските окупациски сили ги имале наменето за партизаните:

Денес, многу почесто, специјалните психолошки операции не се вака отворени, туку се изведуваат прикриено. Пораката се протура однатре, преку поединци кои се дел од групата што треба да биде обработена. Типичен пример за ова ни е кампањата со работен наслов ТОЧКА што во 2001 година ја спроведе фондацијта “Отворено општество” во Македонија. Пропагандните плакати и летоци, со порака дека треба да се стави точка, крај на војната,

… беа во функција на една и единствена тактичка цел: да се обработи и подготви македонската страна за примирје под било какви услови.

Темелко Ристески

Обраќањето на универзитетскиот професор Темелко Ристески објавено пос наслов: “До интелектуалците, 200 на број” спаѓа во втората категорија. Прикриена психолошка операција. Неговата колумна беше објавена во февруари 2018 на порталот plusinfo.mk. За жал, денес е отстранета и нема каде да се прочита. Сепак,тоа не ја намалува важноста на мојот одговор.

Темелко се обидува да ги обесхрабри, да им ја скрши волјата за отпор на оние кои се противат на планот за бришење на македонското име, со тоа што ќе им одржи една лекција налик на проповед, со навидум религиозна форма, но со силна антирелигиозна содржина. Основната идеја му е :

“моќните постапуваат онака како што сакаат, а немоќните онака како што мораат“

Што станува ако ваквата “духовна вредност” ни е идеја по која се водиме во животот? Во таков случај, размислувањето би ни било отприлика вакво:

“Грција, поддржана од САД, НАТО и ЕУ, е далеку помоќна од нас. Поради тоа, Грција има правo да се однесува како што сака. Ние, како немоќни, мора да ги исполнуваме нејзините барања, зашто во спротивно може да бидеме уништени.”

Внимавајте добро на она што е кажано. Во стварност, нету еден грчки политичар не изрекол слична закана кон нас. Нема такво нешто. Ниту пак претставник на САД, на ЕУ или НАТО не ни се заканил на таков начин. Единствениот кој отворено и директно ни се заканува со уништување доколку сме “непослушни”, е – Темелко Ристески:

“Ако го прекинеме преговорите за името, ќе покажеме инает и сила пред моќните. Немоќниот кој покажува инает и сила „добива по главата“. „Добивањето по главата“ за немоќниот, не ретко значи и губење на она што го има. Во конкретниов случај тоа може да значи , не дај боже, и губење на нашата државност.”

Животната филозофија на Темелко Ристески е – дека во светот не постои меѓународно право, не постојат закони, не постојат ниту принципи ниту начела, не постои правда и хуманост. Постои само правото на посилниот и страв од моќниот.

Мудроста на зрелите години

Згора на се, Темелко ни ја дефинира ваквата своја водечка идеја како плод на неговиот сопствен животен пат и животна школа. Ни ги набројува чекорите што ги поминал на долгиот пат од раѓањето во сиромашно зафрлено село, до личност на солидно високо и ценето место во општеството. Ни пружа импресивна листа на постигања во сопственото образование, во професијата, и во политичката кариера. А на високиот дострел, што го постигнал како долгогодишен посветен член на комунистичката партија, му го спротивставува – која когнитивна дисонаца, човече – потписот:

“ученик на Исус Христос”

Темелко не остава многу простор за дискусија. Речиси изнудено е

Прашањето што мора да му се постави:

Темелко, ни кажуваш ли дека твојот животен пат од трњето до ѕвездите си го изодел преку виткање кичма, газење врз послабите и потпикување кај моќните?

Не барај никој да те плука или да не те плука. Доволно ќе биде ако престанеш да фрлаш кал врз самиот себе.

За крај

Не е потребно да се занимаваме понатака со личноста на Темелко Ристески, и покрај тоа што тој самиот се става себе си на тапет и на сцена. Многу поважно е да му се одговори на прашањето за врховните духовни вредности кои тој ни ги наметнува. И да се расчисти со лажната поткрепа на овие “вредности“, која Темелко еднаш ја бара во идеологијата на комунизмот, друг пат во христијанката етика.

Ниту во едниот, нету во другиот вредоносен систем, не постои, не е запишано, ниту пак е прифатено како водечка вредност, правото на посилниот.

Обратното, оние што ги почитуваат законите кои се вечни и неменливи, се многу често посилни од моќниот. Таквите идеи се на сила како кај комунистите, така и во заветот на Оној чие име Темелко напразно го спомнува.

За потсетување на Темелко: немаме слична фотографија од Лерин 1949. Грчките архиви се сеуште недостапни за јавноста. Затоа, слушни ја пораката од еден сличен настан, на немоќите стрелани во Краљево 1941. Нивниот живот е окончан, но нивната сила и денес е поголема од навидум страшната моќ на нивните тогашни џелати.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to Top