Отворено писмо до сите летечки мајмуни и корисни идиоти
За тебе се знае со сигурност:
- – Сакаш да зборуваш за другите и да прекажуваш муабети;
- – Веруваш дека секогаш си во право,
- – И дека она што го правиш е “помош“ и “грижа“ за другите;
- – Се сметаш себе си за високо интелигентна личност;
- – И дека си премногу умен за да може некој да те излаже;
- – Се топиш од милина кога те фалат, ти ласкаат и зборуваат убаво за тебе.
Има уште еден важен елемент:
- – Имаш многу малку самодоверба. Се чувствуваш подобро кога другиот е “под“ тебе, а ти си на “повисока позиција“.
Поради овие особини ти си совршена алатка!
Кога насилникот ќе почне да ти раскажува приказна како тој е невина жртва, а тепаниот ќе го обвини дека е ирационално чудовиште што го напаѓа него, те регрутира да му бидеш летечки мамун.
Со овој маневар злонамерниот и неискрен насилник постигнува многу. Себе си се става на тронот на маченик, а на вистинската жртва и нанесува непосредна и трајна штета. Себе си се ослободува од одговорноста за стореното, а на жртвата и го ускратува правото да бара поддршка и да се брани.
Тебе те користат да им ја вршиш валканата работа, да ја злоставуваш жртвата додека насилникот изигрува праведник. Тоа се вика злоставување преку прокси.

Злосторникот знае уште нешто: Штом веќе си се пикнал во оваа зајачка дупка, штом си поверувал во неговите лаги и си се нафатил да му служиш, никогаш нема себе си да си признаеш дека си згрешил. Егото нема да ти го дозволи тоа. До самиот крај ќе продолжиш со злоставувањето, и ќе му помагаш на насилникот да си ги оствари плановите. Воопшто не си свесен која му е вистинската цел. Ако воопшто дознаеш нешто, тоа ќе биде кога веќе ќе биде доцна да може да се поправи било што.
Секоја идеја ја сметаш за лично своја. Не си во состојба да ја видиш раката што ги влече конците, и затоа си идеален кандидат да бидеш изманипулиран и употребен за кауза којашто воопшто не е твоја.
Животот и благосостојбата на жртвата тебе и онака не ти значат ништо. Ни најмалку. Ниту пак те интересира да чуеш што има таа да каже во своја одбрана. Со самото тоа што си се нафатил да бидеш прокси, си одбрал да бидеш под целосно влијание на насилникот, да веруваш само во неговите измами, и да бидеш манипулиран од него.
И таквиот човек сигурно е во право.
Нели се чувствуваш како глупав и искористен? Би било нормално да се чувствуваш така.
Ајде да скратиме. Има начин да останеш со чист образ! Има начин да се откачиш од јадицата што си ја лапнал.
Едноставно и просто: гледај си ја работата! Најди си друга занимација!