“С неба па у ребра“, минатава недела медиумскиот простор беше буквално преплавен од женски ликови кои паѓаат во екстаза пред харизмата, нобеловската хуманост, и “епохалната политичка мудрост“ на Зоран Заев.

Комично, зарем не? Сепак, играта не е така наивна како што на прв поглед изгледа. Зад лакрдијата, има и нешто повеќе.

Крајниот ефект, намерата и пораката на овие претстави е поинаква. Ако досега си мислел дека нормален човек не може да тргне по умот на Заев, сега веќе не си толку сигурен во тоа. Еве, гледаш дека има такви. Не е само еден, многу се. До толку се забрлавени и запенавени што не можеш разумно да разговараш со нив. Силни се, организирани, имаат пари, средства, медиуми. А наспроти нив – ти си сам, без поддршка, не гледаш начин како да им се спротивставиш.

Gaslighting

Овој метод на манипулација, кога некој те убедува дека она што го гледаш не е она што го гледаш, и дека она што го слушнал не е тоа што било речено, е детално опишан во психологијата. Во англискиот јазик се користи терминот Gaslighting, (светење со гасна ламба). Називот потекнува од истоимениот филм снимен во 1944, со Ингрид Бергман во главната улога.

Процесот се одвива постепено, чекор по чекор, во текот на подолг временски период. Една лага денес, друга лага утре, трета лага по некој ден. Целта е, на жртвата постепено да и се подрие самодовербата. Да почне да се сомнева во сопствената способност да разликува што е реалност а што привид, добро од лошо, чесно од нечесно, вистина од лага.

Начинот на кој сопругот сака да ја доведе жената до состојба на лудило е: скришум ја пали гасната ламба, а кога таа ќе му се пожали дека ламбата се запалила сама од себе, – неговиот одговор е – дека нејзе тоа така и се причинило, дека палењето на ламбата постои само во нејзиниот ум.

Во разнебитувањето на македонскиот идентитет

Ако некој е изложен подолго време на психолошка манипулација од овој тип, може да стане до толку дезориентиран што почнува да се сомнева во се и сешто, па дури и во сопствениот идентитет. Целта на манипулаторот е не само да ти ги контролира постапките, туку и да ти ја измени личноста. Токму тоа е причината поради која гаслајтингот, односно продавањето безочни лаги за реалност, е неразделен дел од северномакедонската офанзива врз здравиот разум која упорно, безмилосно и секојдневно се спроведува во последниве 18 месеци.

Да спомнеме само еден пример: во октомври минатата година, беа пуштени во оптек рекла-казала гласини од типот: “На пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им се нудат по 2 милиони евра за да гласаат за спогодбата“. Опозицијата без размислување ја голтна јадицата, и јавно ја обвини владата за поткуп. Одговорот беше типичен, како во филмот со Ингрид Бергман: тоа што сте го виделе не е тоа што сте го виделе, и тоа што сте го слушнале не е тоа што сте го слушнале. И уште сето беше надополнето со закана за судски прогон. Демек, лажачот ќе го суди излажаниот дека му поверувал.

Како да се одбраниме од ваквите манипулации?

Најефективен начин: да бидете свесни и да не им ја прифаќате играта.

Ако некој под нос ви држи зачадено старо лајно, и ве убедува дека тоа не е мачна смрдеа, туку е мирис од темјан, најголема грешка во тој момент би ви вила ако се обидете човечки да му објасните колку ви е непријатно, или со аргументи да му докажете дека тоа што го прави не е добро. Лажачот никогаш нема да рече: во право си, има вистина во тоа што го велиш.

Такво нешто едноставно не е можно да се случи – од проста причина што дијалогот меѓу вас не е борба за да се докаже вистината, туку психолошка војна за превласт на едниот врз другиот. Во таквата борба за логиката и разумот нема место. Непожелни се. Да се надевате дека постои начин да се разберете, дека кај преварантот ќе проработи човечноста, не само што е бесцелно, туку е и штетно.

Прв чекор е да си поставите задача да бидете свесни за реалноста. А реалноста е дека гаслајтингот е опасен вид на злонамерна манипулација. Целта на манипулаторот е јасна: колку повеќе сомнение ќе посее во вашиот ум, толку полесно ќе може да ја диктира ситуацијата онака како што му чини.

На пример: ако некој е соочен со хор “обожаватели на големиот водач“ од ваков тип,

многу тешко, речиси невозможно ќе му биде да остане цврст додека се обидуваат да му го сматат умот. Причината е едноставна: нема, не постои појдовна точка од која човек разумно би го искажал своето несогласување. Чувството дека немаш начин да се пребориш со ваков противник, дека се е бесцелно, токму создавањето на таквото чувство кај тебе, а не приказната дека некој навистина го обожува Заев, е цел и успех на режијата и театарот.

Заради тоа, решението не е во конфронтирање, туку во оттргнување. Да не им се фатиш на орото што го играат, зашто ќе те одведат таму кајшто сакаат; да не им ја слушаш музиката, зашто ќе те збрлават со нивната какофонија.

Не им учествувајте во дебатите. Што и да им кажете, ќе биде исто како а не сте рекле ништо. Дајте им каков сакате аргумент, одговорот ќе биде секогаш ист. Не ги ни гледајте.
Не си го губете времето со “заевизми“. Не ги лепете неговите слики по социјалните мрежи. Не му придавајте важност и не правете му бесплатна реклама.
Единствено што може да се докаже на таканаречените “дуели“ е дека ништо не може да се докаже. Игнорирај.

Leave a Reply