На 25.јануари грчкиот парламент го ратифицира договорот од Преспа

Во жестоката расправа посебно место имаше настапот на премиерот Ципрас. Во грчките медиуми неговиот говор беше оценет како “историски“. Македонските медиуми пак, му посветија внимание само на еден мал дел од овој говор – делот каде што Ципрас ги спомнува Граѓанската војна, бегалците, и Мирка Гинова. Извадени од контекст, овие зборови на Ципрас се интерпертирани како промена во грчкиот став кон македонското прашање и нов однос кон нас.

Но, тоа е само ако зборовите се извадат од контекст. Смисолот на она што го рече Ципрас е сосема поинаков.

Што навистина рече Ципрас?

Неговиот говор беше, пред се, беспоштедна пресметка со лицемерието на грчката опозиција. Точка по точка, влакно по влакно, Ципрас дава конкретни и прецизни податоци за нивните минати преговори, обиди и предлози за решение. Ги разобличува двојните стандарди на Неа Демократија и ПАСОК. Аргументирано покажа дека договорот од Преспа го содржи во себе сето она што и двете партии со консензус ги имаат прифатено и поставено како “црвена линија” уште многу, многу одамна.

Цитат: “Направивме спогодба, компромис. И што постигнавме како врв на овој компромис? Сите централни нешта за кои се боревте вие изминативе дваесет и пет години, но не можевте да ги добиете. Успеавме.”

Ципрас на сликовит начин, со доста цинизам и без никаква милост удира по дволичноста на грчките партии кои, додека се во опозиција, глумат запалени националисти – а се однесуваат сосема поинаку кога се на власт. Трезвено и со факти, ги потсетува противниците дека ставот, за соседната држава да не се употребува зборот Македонија ниту во сложено име, никогаш не бил применет од нив додека биле на власт. Од ниедна грчка влада. Дека тој став бил актуелен само како алатка за потхранување на фантазиите во моментите на, како што вели, “националистичко лудило“, како на пример во 1992. Реалноста била секогаш малку поинаква:

  • уште во 1977 грчката влада ја има прифатено одлуката на конференцијата на ООН за стандардизација на географските имиња, одржана токму во Атина, со која е признаен македонскиот јазик
  • во 1994 година грчката влада без примедба, ги има одобрено МК и МКД, како официјални меѓународни кодови
  • во 2001 година владата на Симитис, без никаков протест го има парафирано Охридскиот договор, во кој дословно стои: “официјалниот јазик на Македонија и во меѓународните односи е македонскиот јазик“;
Што добива Грција со договорот од Преспа?
Ципрас: “Видовме пред нас шанса, и навистина ја зграпчивме“

Со подеднаква прецизност и педантност, Ципрас ги изложува придобивките што Грција ги стекнува со овој договор.

  • Дека е отстранета можноста да се постави прашањето за национални малцинства
  • Дека на јасен и законски обврзувачки начин е заштитено грчкото авторско право врз историското наследство на античка Македонија.
  • Дека соседната држава со дипломатска нота има потврдено: зборот “македонско“ во договорот не значи националност, туку се однесува само на државјанство;

Со негови зборови:

“Што значи успеавме ние? … Тоа што, имено, ги принудивме нашите соседи да си го сменат уставното име, под кое беа признаени од преку 130 држави “.
“ќе бидат принудени да го сменат уставот, да ги симнат ознаките од аеродромите и патиштата, нема да можат да имаат македонски народен театар ќе им биде театар на Северна Македонија, нема да можат да имаат македонски национален спортски тим, ќе имаат национален тим на Северна Македонија. Толку малку.”
“ги притегнавме употребата на зборовите “Македонија“ и “македонски“ од страна на државните органи и структури да биде резервирана само за грчката страна, односно како што ви реков пред малку, тие нема да можат да имаат Македонски Универзитет. Грција може и очигледно ќе има.”

Напомена: известувањата и цитатите од говорот на Ципрас дадени во македонските медиуми се премногу штури и сиромашни за да може од нив да се добие вистинска слика за кажаното. Ви препорачувам да го прочитате говорот во целост. Видео запис и транскрипт (во оригинал на грчки јазик) можете да најдете на интернет страницата на грчката влада. Превод на македонски имате на мојот блог.


Како ние би го процениле говорот на Ципрас?

Кога тоа би требало судот за неговиот говор да го сведеме на само една реченица, тоа би било: “доследен на самиот себе“. Дојден на сцената во време на најтешките моменти од грчката финансиска криза, Ципрас е водачот кој играше на картата на “народниот глас“, за подоцна тој самиот да ја игнорира и изигра одлуката на референдумот што неговата влада го спроведе. Уста преполна со левичарски идеали, примамливи зборови кои се прекрасни да се слушаат, но дела кои во реалност се доста поинакви.

По својот интелектуален, говорнички и политички капацитет, Ципрас е со светлосни години далеку пред Заев. Нема воопшто место за било каква споредба. Но, имаат и заеднички точки: умешноста да се игнорира референдум, реториката со која туѓите интереси се прикажуваат како автентични национални.

Па така, додека зборува за “историското значење“ и “прогресивниот карактер“ на договорот од Преспа, Ципрас просто боде очи со противречностите во кои е заглавен. Вели дека “историјата е душата на нашиот народ“, а едновремено си нема никаков проблем на еден друг народ да му наметнува прекроена историја. Од срце го брани правото на самоопределување, но едновремено е горд што тоа право им е ускратено на дел од неговите сограѓани. И конечно, додека ги реди звучните фрази за “соработката, мирот и безбедноста во регионот“ – не може да излезе од стандардната папагалски повторувана шема за “опасноста од руското влијание“. Шема која неодоливо потсетува на 1949 – кога единствено замисливо решение за спас од таканаречената “руска закана врз слободата и демократијата“ било – насилството и репресијата врз македонскиот народ.

И, колачот за десерт. Пресметката со грчките комунисти.

Долг е патот на ретроградната еволуција на свеста на КПГ, од некогашната почит кон своите славомакедонски соборци, до денешниот страв од постоењето на македонски народ. И токму оваа нивна недоследност, оваа нивна болна точка, беше избрана како неодбранлива цел која ќе го претрпи завршниот удар во грижливо срочениот говор на Ципрас.

Каков е ставот на грчките комунисти? Договорот од Преспа, за кој велат дека “е наметнат со поткуп и уцени и во двете држави”, според нив е од корист само за воинствените планови на НАТО, за империјализмот на САД, и за грабежот на крупниот капитал во регионот. Договорот нема да реши никаков проблем меѓу двете земји. Декларацијата на КПГ можете да ја прочитате тука.

Атина, 24.јануари 2019: членови на КПГ на протестот против договорот од Преспа (Associated Press)

Но, Ципрас сето тоа го остава настрана. Врвот на својата говорничка вештина, цинизам, итрина, демагогија и духовитост ги насочува кон тоа да исцрта јасна слика за апсурдот и гротескноста во кои се зацапани грчките комунисти. Застанати на иста страна од барикадите со крајната десница, со оние што самите ги нарекуваат “криминалната Златна Зора, политички наследници на нацизмот”, делуваат помалку дезориентирано..

Комунистите се збунети, но Ципрас не е луд. Обраќањето кон нив го започнува со една силна метафора: го споредува сегашниот момент од постоењето на КПГ со крајот од животот на еден човек. Вистина, на почетокот тој вети дека нема да измамува емоции и инстинктивни реакции. Но, ова е жестокото финале на неговиот говор, компониран грижливо и внимателно како да е симфонија од Бетовен. Ќе му простиме што го следи примерот на генијалниот музичар, макар да е тоа и само заради политичка демагогија. Во буквална смисла на зборот, тој им држи парастос на КПГ. Сурово и без тронка милост, им става до знаење на комунистите дека, во моментот на заминувањето, погледот назад врз нивниот животен пат нема да биде само вообичаено оддавање почест, туку и соочување со судот за своите дела, суд на совеста од кој никој не може да избега. А како најтежок товар за нивната нечиста совест им го посочува – нивниот односот кон македонското прашање во минатото, и денес.

И бидејќи Комунистичката Партија е богата со историја – сто години историја – мислам дека денес држи место да се одбележи нивната историја.
“Не сакам да го спомнувам славомакедонскиот буквар што комунистите од Ташкент им го делеа на децата на славомакедонските борци од Демократската Армија на Грција”.
“Не сакам да ги спомнувам ни 70-те илјади бегалци од Граѓанската Војна, на кои грчката држава во 1983 им го одзеде правото да се вратат во нивната татковина”
“Ниту пак ќе ја спомнам славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена – комунист стрелана во граѓанската војна”.
Со овие ваши прашања на совеста треба да се соочите самите вие.

Како нечиста совест на грчките комунисти, Ципрас им го става пред нос фактот дека само пред два месеци, истите тие , имаат организирано меморијални свечености во чест на 70-годишнината од херојската смрт на Мирка Гинова:

Објава за свеченоста по повод 100 години на КПГ и 70 години од егзекуцијата на Мирка Гинова
И што да правиме со македонските медиуми?

Има ли воопшто некакво смисол, има ли било каква логика, да се трудиме да ги разбереме зборовите на Ципрас онака како што беа опишани во хорот контролирани македонски медиуми? Од прв до последен, известувањата им беа по еден ист калап: ниту збор за суштината од говорот на Ципрас, единствена пренесена информација е ругањето со комунистите, но извадено од контекст и прикажано како да е “пресврт во грчкиот став по македонското прашање“:

“речиси шокантен дел околу Граѓанската војна“
“Ципрас ја спомена и Мирка Гинова“
“ретко кој грчки политичар вака отворено се осмелил да зборува за ова болно прашање“

а дел од нив отворено и бесрамно измислуваат зборови што наводно ги рекол Ципрас:

“Ќе ја носите на душа Мирка Гинова” Сакам да кажам
“Ги заборавивте децата од Ташкент“  radar.mk
“Оставам на вашата совест дали ќе гласате.“ emagazin.mk
И сега што? Кому да му веруваме, на Ципрас, или на македонските медиуми? Мислам дека дискусијата по ова прашање завршува во оној момент, кога ќе го прочитате неговиот говор.

За крај, збор-два и знаменосците кои, од самиот почеток па до денес, се на чело на колоната, и го развеваат интелектуалниот барјак на македонската национална лоботомија. Креативноста со која ги китат и дотеруваат трчи-лажи приказните објавени во македонските медиуми, и од тој материјал и си прават емотивно набиени филмови, во кои Ципрас е месија-спасител, секс-симбол и историска личност рамна на Кенеди, Линколн или Димитров – е просто неверојатна:

Кица Колбе “Има мигови во историјата, во кои една реченица има сила да ги урне навидум моќните кули од силни пропаганди и политички табуа, градени со децении”
Донка Барџиева “наговестување на почеток на ново историско поглавје на Балканот”
Дејан Азески “ова што го направи Алексис Ципрас нема да се заборави во наредните 700 години”
Сашо Орданоски “Знам барем за неколкумина овдешни повозрасни сограѓани (не само Егејци!) кои се расплакале слушајќи го говорот на Ципрас”

Вреди ли да се прашуваме, што скаат да постигнат со овие небулози? Дали сакаат да ја потврдат нацистичката доктрина за инфериорност на словенската раса, со тоа што сведочат дека врвните мозоци од (сега веќе демонтираната) македонска нација немаат капацитет да одговорат дури и на така просто прашање како што е – која река тече под мостот на Вардар? Или пак по навика, самобендисано и арогантно ја потценуваат интелигенцијата на своите читатели? Јас би додал и трета можност, дека мотивите им се чисто прагматични. Максимум профит со минимум напор. Одработи го она за кое си платен без да се оптоваруваш со проверка на фактите.

Што и да е, не вреди да се губи многу време со ниту еден од нив.

Leave a Reply