Во проодлжение следи интегралниот текст на говорот што во грчкиот парламент го одржа премиерот Ципрас на 25.јануари 2019.

Забелешка за преводот: Google Translate не може да се носи со финесите, падежите и сленгот на современиот грчки јазик. Ова е доста преработена верзија, можеби не 100% прецизна, но сепак мислам дека во голема мерка верно го одразува кажаното Ципрас.

Оригиналниот текст од говорот на Ципрас, заедно со видео снимка, можете да го најдете на интернет страницата на грчката влада: https://primeminister.gr/2019/01/25/21050

Господине Мицотакис, повеќе од еден час зборувавте за една многу важна национална тема, на пати навредливо и понижувачки кон пратениците и владата, на пати на начин кој носи поделби, на начин за кој може да се рече дека е врв во навредите кон пратениците овие денови.

Изнервиран сте што пратениците на Сириза беа сосема мирни додека ги напаѓавте со навреди. Беа и ќе останат мирни, господине Мицотакис, бидејќи стратегијата ни е да не ве следиме во кревањето тензии. Се надевам дека и вашите пратеници ќе бидат мирни сега кога го слушаат одговорот.

И бидејќи се насмеавте на ова, не можам да не почнам со тоа дека сите овие денови, како во Парламентот така и во јавните обраќања, бевме сведоци на една екстремна реторика и екстремни навреди кон одделни личности. Бевме сведоци на една тактика на насилство и терор кон пратениците, најпрвин со пораки, а потоа преку постери со нивните ликови. Потоа бевме сведоци на редици јуришници кои се обидуваа да влезат во грчкиот парламент, а во последниве неколку дена видовме и пожар во куќата на господин Касторис, на господин Цакрис, и во овој момент додека зборувам, пред домовите на двајца пратеници на Сириза, госпоѓата Скуфас и господинот Карајанидис има групи на екстремисти, насилници чија цел е да ги тероризираат и заплашуваат пратениците од грчкиот парламент.

Да, зборувавте повеќе од еден час, ама за жал ме најдовте ниту еден збор со кој би ги осудиле овие екстремистички дела, оваа клима на терор и застрашување врз пратениците од грчкиот парламент.

Тоа е – морам да признам – спротивно на претставникот на вашата партија ви парламентот, господинот Дендијас, кој, за негова чест, вчера кога зеде збор, имаше храброст да си го каже мислењето, ја постави линијата на разграничување таму каде што таа линија треба да биде, на спротивната страна од насилниците, екстремистите и оние кои ги нарекуваат “предавници“ пратениците кои мислат поинаку, какви што во суштина биле и оние кои во клучните моменти на историјата се нашле на страната на завојувачот, на нацистите и на бугарските фашисти во северниот дел од нашата Македонија.

За ова не најдовте ниту збор, господине Мицитакис, ниту еден збор.  Единственото што се обидовте да го направите беше – уште еднаш да им се обратите, делумно емотивно, делумно на екстремен начин, на оние што имаат поинакво мислење по едно суштинско национално прашање.

Навистина, денес имаме решавачка седница, а утре решавачко гласање за едно битно прашање по речиси триесет години неактивност и општонационална дефанзива. На крајот од една година исполнета со преговори, дискусии и издржан дијалог, дојдени сме до крајот на една тешка упорност, упорност и историски процес. Но јас, господине Мицотакис, денес не сум дојден тука, не го имам преземено овој чекор првенствено за да се судрам со моите политички противници. Ќе ви одговорам на се што рековте, сеуште не сум стигнал до тоа. Тука сум пред се, да се соочам со она што го чувствувам како историска одговорност, со она што го чувствувам како национална одговорност, и со историската и национална одговорност што ја имаат сите и секој еден од тристамината народни пратеници кои не се уценети, не се под притисок и не се плашат да го кажат она што им го налага совеста.

Нашиот народ треба да научи да го смета негово народно она што е вистина, има речено поетот Дионис Соломос. А јас мислам дека денес ни е должност да ја речеме вистината за едно значајно национално прашање. Да ја кажеме вистината која не почнува од вчера, завчера или од пред една година. Зашто, слушајќи ве со часови и часови, вас и госпоѓа Бакојани, за која мислам дека допре и суштински теми во нејзиното излагање, живееме во различни земји веќе триесет години.

Клучното прашање во изминативе триесет години, дами и господа мои сонародници, по однос на националниот став и преговорите околу името на нашиот северен сосед,  не беше дали да се прифати сложено име што ќе содржи Македонија, со географска одредница ерга омнес, туку клучното прашање што го поставуваа претходните влади во преговорите беше јазикот и дали ќе имаме националност или државјанство. Навистина, имам чувство дека живееме во друга земја. Но бидејќи не живееме во различми држави, ви давам предизвик, господине Мицотакис.  Завчера веа насобрани илјадници демостранти. Мнозинството од нив не се на иста линија со екстремистите кои го нападнаа парламентот. Навистина, многу од вашите функционери беа таму, но вас ве немаше – ако ги прашате “што е работата, зошто протестирате“ ќе ви одговореа за името, “Македонија“. Немаше да ви речат за државјанство и националност, ниту за јазикот, и најмалку од се за праските.

Ниту пак би ви ги рекле, господине Мицотакис, сиве неверојатни аргументи што ги слушаме деновиве. Се обидувате тука да создадете впечаток, нагласувајќи како централни аргументи против спогодбата некои крајно суптилни и комплексни легални елементи. Ова пак укажува дека немате арегументи против Договорот. Штом сте се зафатиле со ситници од меѓународното право коишто обичниот човеек не може ни да ги разбере, тоа значи дека не можете да најдете ниту една темна точка во овој договор.

Денес дојдовте тука за да ни кажете дека, велите, немаме устав, зашто имаме само амандмани на уставот. А не ли знаете, дека во многу земји , вклучително и САД, на официјалната веб страница ќе ја видите оригиналната верзија на уставот проследена со сите амандмани.

Сиве овие денови ни кажувате вакви бесмислици. Се занимавате со апсолутно второстепени работи а не со суштината. Ова да биде ставено во Записникот.

Зошто се бавите со второстепени нешта а не со суштината? Затоа што немате аргументи.

Господине Мицотакис, еден голем дел од вашиот говор – навистина, од почеток така тргнавте – му го посветивте на вашиот судир со господин Каменос. Разбирам дека во овој момент вашиот проблем е во блокот на десницата. Сега, кога сме при крајот со Преспа, место да сте против мене, вие ги напаѓате другите од десниот блок, зашто испаѓа дека таму ве има премногу и не можете сите да се сместите во она што личи како да е најудобно место. Ви пожелувам среќа.

Но, нема да ситничарам со директни одговори на една редица неточни аргументи. Ќе се обидам, како што реков претходно, денес во моето обраќање на оваа клучна седница да се соочам со она што го чувствувам како одговорност, со аргументи, без викање, без пароли, без да се обидувам да измамувам емоции, лутина или страв – и најмногу од се – инстинктивни реакции.

Ќе се обидам, дами и господа, следејќи го поривот дека во народот е вистината, да зборувам за една низа од вистини. А вистината е, ако тргнеме од почеток, дека спорот што го имавме со северните соседи заради нивното име три децении не исцрпуваше нас, ги исцрпуваше и нашите соседи, го исцрпуваше Балканот, меѓународната заедница и сиве овие години ни ускрати едно важно дипломатско средство, што многу пати не има оттргнато од вистинските опасности за земјава кои – не се смејте – не се на север, туку на нашите источни граници.

Вистината е дека мрзливоста, снебивањето и колебливоста кои со години беа догма на надворешната политика резултираа со – и продолжуваат понатака – со постојани дипломатски порази на грчката страна и конечно признавање на нашиот северен сосед со нивното уставно име од страна на преку 130 земји од светот, вклучително најголемите и најзначајни – САД; Русија, Кина. И вистина е дека дури и во земјите кои не го признаваат нашиот сосед под уставното име, медиумите во целост, јавното мнение ги нарекува “Македонија“ без никаква друга дефиниција. Добро го знаете тоа. Дури и господин Георгијадис побрза да го избрише “Macedonian“ од една веб страница што ја уредува.

Вистината е дека оваа неактивност конечно не доведе до таму да го изгубиме името Македонија, бидејќи денес на било која веб страница, ако побарате вакво нешто, нема да ја најдете ништо за нашата култура и традиција, за Бејаз куле, туку ќе го видите Скопје. Тоа е вистината.

Но, не го изгубивме само името поради оваа неактивност. Бевме во опасност да изгубиме и еден голем дел од нашата историја, бидејќи националистичкото мнозинство кај нашиот северен сосед, ВМРО, во текот на повеќе години водеше едно невидено фалсификување и присвојување на историјата, на културното наследство и симболите на Македонија кои сочинувале и чинат историски интегрален дел на античкото грчко наследство.

Вистина е, исто така, дека во почетокот на 90-тите години во Грција преовладуваше едно националистичко лудило кое ја креираше климата во јавното мнение, а кај меѓународната заедница создаваше слика за нас како за исплашена земја, без национална самодоверба, чиј народ не е свесен за величината на сопствената историја, но исто така и без сознание за современите процеси во земјата. Изгледавме како земја и народ кои се постојано на штрек поради една друга земја која има 6% од нашиот БДП и два милиони жители.

Кулминација на тоа лудило беше максималистичката позиција што на познатиот самит на политичките лидери од 1992 ја прифатија сите – освен на КПГ, ако не се лажам – за соседната држава да не се употребува зборот Македонија ниту во сложено име.

Вистина е сепак дека овој став, макар да многу години значително ги потхрануваше фантазиите и во голема мера јавното мнение, никогаш не беше применет од ниедна влада при спроведувањето на надворешната политика. Мислам на дипломатските процеси и имињата што грчките влади ги договараа во наредните години.

Вистина е исто така дека јас и Коѕијас не сме првите што го прифатија зборот “Македонија“ како дел од името на нашиот сосед, туку дека тоа прв пат беше прифатено од господин Самарас, големиот “борец за Македонија“, кој го стави својот потпис врз општиот уредбен акт 3567 за трговски договор на 2.декември 1991, со кој за прв пат е признаена Република Македонија и ни останува уште да речеме денес дека тоа беше само трговски договор како и сите останати.

Исто така, господин Самарас, според зборовите на покојниот Константин Мицотакис, на советот од 16.декември се повлече под притисок. “Се измокрија“ – ова го рече Мицотакис, не го реков јас, кога не се побара конечно решение на спорот во пакет со признавањето на Хрватска, на кое Грција можеше да стави вето. Нормално, откако тој беше првиот што се вложи себе си во она лудило, за кое би зборував порано, да се мобилизира светот против сложено име, што тогаш беше став на владата, за да ја собори истата таа влада во која самиот учествуваше и да направи политилка кариера.

Вистина е исто така дека Грција беше таа што прва формално му предложи на господин Глигоров сложено име со зборот Македонија во 1993, кога премиер беше Константин Мицотакис.

Вистина е исто така, дека зборот Македонија е прифатен, макар и како привремено име – привременост која траеше дваесет и пет години – со таканаречената Привремена спогодба склучена само три години по фамозната изјава на тогашниот Совет за надворешни односи: “никакво сложено име“. И потоа ги имавме владата на ПАСОК, владата на Андреас Папандреу. Што прифатвиме тогаш? Поранешна Југословенска Република Македонија! И од страв да се соочиме со вистината, како нација и политички систем, што направивме? Си ја смисливме оваа бистра идеја, кога ќе зборуваме за оваа земја, да ги кажеме само иницијалите, а не името во целост. БЈРМ или ФИРОМ, како М да беше некој друг збор а не Македонија. А кога зборувавме за луѓето што живеат таму, не ги нарекувавме БЈРМ-овци ниту ФИРОМ-ци, туку ги викавме скопјани, по името на главниот град. Тоа е реалноста.

Вистина е исто так дека по признавањето на соседната земја од страна на САД во 2004 нашата преговарачка позиција беше значително влошена. Во очите меѓународното јавно мнение Грција изгледаше како да е дел од проблемите и нестабилноста на Балканот. Дека ни пречи ова, ни пречи она. Зашто нестабилноста во регионот ќе создаде услови за Голема Албанија, што не го сакаме, и напнатост каква што не сакаме на нашите северни граници.

И така. Лека-полека стигаме до владите на ПАСОК, кои преговараа не под овластување од советот на лидерите од 1992, туку според она што сега го нарекуваме “национална линија“, која подоцна кристализираше со владата на Караманлис, дефинирана како сложено име кое ќе го содржи зборот Македонија и географска одредница ерга омнес.

Оваа позиција ја поддржуваа сите влади од 2007 до денес. Сите без исклучок. Ја имате прогласено со десетици програмски декларации во ова Собрание, десетици пати на меѓународен план, како што тоа го направи господин Самарас, неговите министри, и господин Аврамопулос, кој гласаше за сегашната спогодба во колегиумот на комесарите кадешто донесовме едногласна одлука, и јавно го декларираше тоа. Ете тоа е цврстината на карактерот со која се одликувате, господа од Неа Демократија!

И, се разбира, владата на господин Самарас. Сите паметиме, знаеме дека господин Венизелос, заменик премиер, во 2014 ја објави оваа позиција на Генералното Собрание на ООН. Исто така, сите го имаме видено интервјуто во кое истиот тој Самарас рече: “ако прифатат ерга омес, ќе размислиме за тоа“. Нормално, мислам дека го сторил тоа – зашто не сакам да го потценам – а дека имал на ум да не го прифати тоа.

Арно ама, тој денес ни зборуваше во овој Парламент, фалсификувајќи ја, како и нашите соседи, вистинската историја на политичкиот живот во земјата, историјата на грчките влади,  и на вашите ставови, зашто вашите ставови за надворешната политика на земјата – сте ги кажале сегде – биле секогаш со логиката и значење дека Македоника е една и грчка. Имајте на ум, не ви зборувам за нешто за кое би можеле да се согласиме сите, имено за античка грчка Македонија, туку за современата како географска област. Во нивните документи, зборови, општа и надворешна политика никогаш не се спомнуваат повеќе Македонии.

Се сеќавам дека Костас Карамлис како премиер јасно има кажано дека “зборот Македонија отсекогаш означувал поширока географска област“ – читам дел од неговата изјава – “повеќето од кое е надвор од границите на Поранешната Југословенска Република Македонија“, Според тоа, вели тој, името би можело да го вклучи зборот Македонија, но дополнет со јасна придавка за да се разликува од пошироката географска област. И јасно е дека било кое сложено име треба да ја одразува оваа географска реалност. Која географска реалност? Од денешната територија на Македонија, нешто повеќе од половината и припаѓа на Грција, еден друг голем дел и припаѓа на Бугарија, и еден трет дел е БЈРМ со скопјаните односно БЈРМ-овците од кои 70 проценти се Словени, словеногласни, славомакедонци затоа што живеат на територијата на Македонија, и 30% домашни етнички албанци.

Навистина, господинот Мицотакис денес, да бидам искрен кон него, да не згрешам, се разликува од господин Самарас. Нема земено се од него, има земено само две третини!

Вели дека никогаш не ја монополизирал целоста на Македонија, надворешната политика на неговата партија и на Грција. Да речеме дека е така.

 Но вистината, дами и господа мои сонародници, е дека тоа беше националната линија, нешто што не го измисли нашата влада. Сегашната влада ја наследи од вас. Ја наследи и продолжи со неа.

Сега дојдов до другите убави вистини. Вистина е дека во 2008 во Букурешт владата на Караманлис, со нивната министерка Бакојанис, се обиде и успеа да го добие консенсузот на партнерите од НАТО, дека соседната земја не може да биде примена под привременото име – она од привремената спогодба, БЈРМ, без да ставиме вето, како што се зборуваше. Зошто тоа е вистината. Никогаш немаше вето. Ова вистина ви го велам, зашто сакам да ви ги кажам сите вистини, тоа беше успех бидејќи со привремената спогодба Грција немаше право да го попречува членството на соседната држава под привременотo име во било која меѓународна организација.

Вистина е исто така дека по овој успех водењето на работите – од страна на истата влада што го постигна и од наредните – беше катастрофално, бидејќи тогашната влада и нејзините функционери прославуваа во своите изјави, повторно во потхрана на постојаното заведување на јавното мнение останато уште од 1992, од советот на лидерите, дека Грција ставила вето во Букурешт. И така во 2011 ја имавме неблагопријатната за нас, за Грција, одлука на Меѓународниот Суд на Правдата на ООН, во која е спомнато прекршување на привремената спогодба од 1995 на самитот во Букурешт.

Уште повеќе, факт е дека Европскат Унија, исто така, постојано предлагаше отворање на преговорите за пристап на Поранешната Југословенска Република Македонија во Европската Заедница. Но со овие добри вести за БЈРМ, соседната земја никојпат не побара, ниту некогаш прегоговарала, ниту пак некојпат прифатила да ја дисуктира промената на името ерга омнес, и во сите меѓународни контакти на европски план, само двојното име им беше прифатливо. Што значи, уставното име за внатрешна употреба. И сега самоопределувањето ве обвинува.

Тогаш не не тревожеше фактот што некои влади договараа двојно име, при што Македонија или Република Македонија би било за внатрешна употреба. Не сакам да цитирам телеграми и писма. Нема смисол, зашто чувствувам национална одговорност.

Нема да цитрам, господине Мицотакис. Но ќе ја кажам вистината за да ја знае грчкиот народ. Ако сакате, побијте ме.

Во тоа време нашите соседи комуницираа со нас со нивното уставно име за внатрешна употреба, коешто беше признаено од сите важни држави – тие немаа причина да се однесуваат поинаку – и природно во комуникцаијата со остатокот од светот, не го изоставуваа зборот Македонија, зашто таква беше основата на преговорите. И нормално, немаа никаква дебата – зашто немаа потреба да расправаат – за промена на уставот. Никаква расправа. Тоа е вистината, дами и господа мои сонародници, за она што се случуваше од 1992 до денес, колку претрпе нашата земја, колкав голем товар имавме во надворешната политика, без да бидеме во состојба да најдеме решение за едно прашање кое за жал – велам јас – нашите партнери не го разбираа и сеуште не го разбираат. И колку многу напори ја вложивме во тоа да се пренасочиме од вистински гоолемите национални прашања кои не се на Север. Заврши таа догма. Останата му е да ја следи само уште на господин Воридис, ама завршена е.

Догмата на студената војна беше дека заканите ни доаѓаат од Север. Заканите не се од Север.

 Стигнавме значи до нашата влада. Сиве овие години, ви повторувам, го имавме овој неверојатен дуализам, еден голем дел од јавното мнение да верува дека наш голем проблем е името Македонија – и денес сеуште веруваат – а сите влади да се борат за сложено име со зборот Македонија, и, ве молам не ми се лутете, никој не го постави главното прашање за јазикот и националноста. Ќе ви објаснам зошто.

Дојдовме, значи ние, и видовме пред нас една шанса. Нивната влада се смени. Беше сменета националистичката влада на Груевски и ВМРО, кои го кажуваа сосема спротивното од она што им го зборувате. Вие сте две лица на една иста пара.

Што велат тие? На Заев му велат “не предаде“, “им ја предаде Македонија на грците“, “го даде и јазикот и нацијата, се даде“. А истото ни го велите вие нас. Прочитајте ја изјавата на ВМРО по соопштението за спогодбата. Прочитајте ја! “Не понижи. Не постои повеќе Македонија. Не направи Северна Македонија, го дадовме името, го дадовме јазикот, дадовме се.“

Национализмите од двете страни имаат една основна карактеристика: патриотизмот. Но, национализмите, специјално тука на Балканот, водат кон големи и мачни проблеми залуѓето.

А јас верувам дека сега е часот да излеземе од маѓепсаниот круг и да ја согледаме иднината на просперитет, мир, напредок и соработка. Дојдовме значи, и навистина ја зграпчивме оваа шанса. Се смени националистичката влада, дојде прогресивен лидер, една прогресивна партија, социјалистичка, госпоѓо Јенимата, навистина социјалистича – и започнавме со еден тежок потфат да изнајдеме заедничко прифатливо решение. Не да одиме да ги разбереме, не да не одиме да ги скршиме. Според она што ни го велите,  што барате да го најдете во деталите, требаше да тргнеме во војна и да ги смачкаме. Ние не го направивме тоа. Направивме спогодба, компромис. И што постигнавме како врв на овој компромис? Сите централни нешта за кои се боревте вие изминативе дваесет и пет години, но не можевте да ги добиете. Успеавме. А сега вие ни велите “предавници сте зашто успеавте“.  

Што значи успеавме ние? Како прво, успеавме да има сложено име со географска одредница. Тоа што, имено, ги принудивме нашите соседи да си го сменат уставното име, под кое беа признаени од преку 130 држави и едноставното “Република Македонија“ да го направат “Република Северна Македонија“, така што утре кога нашите деца ќе отидат на интернет и ќе кликнат на поимот Македонија ќе им се појави Бејаз Куле,а не Скопје. Во тоа успеавме ние! Второ, успеавме во она за кое не го ни преговараа вашите влади, Бакојанис, Караманлис, Јенимата, не ни преговараа за ерга омнес, “за сите и за секаква употреба“.

Тоа значи дека употребата нема да биде само во меѓународните односи со други држави и во меѓународни организации, туку ќе го засегне и внатрешното уредување на државата каде што ќе бидат принудени да го сменат уставот, да ги симнат ознаките од аеродромите и патиштата, нема да можат да имаат македонски народен театар, ќе им биде театар на Северна Македонија,  нема да можат да имаат македонски национален спортски тим, ќе имаат национален тим на Северна Македонија. Толку малку.

Трето, ги притегнавме соседите со уставните промени да ги ревидираат членовите кои содржат ирационалност и ревизионизам.

Тие дури и си го усогласија уставот со она што го вели грчкиот устав во прописите што се однесуваат на дијаспората.  И освен уставните промени, со истата спогодба, нашите соседи се обврзаа да не поттикнуваат непријателски активности против нашата земја. Се обврзаа да не покренуваат неодговорни изјави, да не прифаќаат такви изјави од било кој што неодговорно тврди дека дејствува во нивни интерес, се обврзаа да ги почитуваат постојните граници, со два збора се обврзаа да се откажат од секаков вид ирационална реторика, од секаков вид ирационални делувања, од кого и да доаѓаат.

Четврто, ги притегнавме употребата на зборовите “Македонија“  и “македонски“ од страна на државните органи и структури да биде резервирана само за грчката страна, односно како што ви реков пред малку, тие нема да можат да имаат Македонски Универзитет. Грција може и очигледно ќе има.

Се разбира, не сакам дури ни да ви одговарам на непрецизностите што ги кажавте, дека наводно ќе ги викаме “Македонци“, “македонско“ итн. Не сте ни ја прочитале спогодбата. Членот 7.5 многу јасно го кажува тоа.

Би сакал да ве прашам: како точно сакате да ги викаме? Скопјани? Би сакал да ве прашам кое е вашето мислење по ова прашање. Зашто кога поставивте едно прашање, господине Кумуцакос, кога поради противењето на помалите партии расправата не беше отворена а вие сакавте да му се обратите на господин Каменос со критика дека постојано е на крајното десно ќоше од десниот блок, вие самиот спомнавте, додека правевте анализа на населението на соседната земја, Албанци и Славомакедонци. Вие самиот го рековте тоа.

Петтото нешто кое го ќаривме, а кое мислам дека е најважно од се, е тоа што го заштитивме авторското право врз грчката традиција и историското наследство на античка грчка Македонија на најјасен и законски најобврзувачки начин.

Зашто, за разлика од некои што велат дека името е нашата душа, јас мислам дека нашата душа е во нашата историја.  Нашата историја е нашата душа и си ја земаме назад.  Да не може никој да ни ја присвои.

И по сето ова, ете ја опозицијата – истите оние партии што беа одговорни за се што се случуваше минатите години – и што ни велат? “Не е важно што го добивте се што беше зацртано како наша национална линија. Оваа спогодба не е корисна за националните интереси“. Но ако оваа спогодба, која целосно ги покрива сите “црвени“ линии што сте ги поставиле а кои ние ги знаеме, ги отстранува сите позначајни ризици кои не сте можеле да ги обезбедите додека сте преговарале, како на пример можноста да се постави прашањето за национални малцинства, ако оваа спогодба – велите – е штетна за нацијата, тогаш националната линија и вашата сопствена стратегија, што сте ја граделе толку години, е штетна за нацијата. Тогаш вие сте штетници за земјата.

Дами и господа, негирањето и гласовите против оваа спогодба од страна на партиите и политичарите кои управувале со оваа држава – јас не зборувам за оние што не биле на власт а имаат таков став – е дел од општественото јавно мнение и националната колективна свест кои беа напуштени во 1992. Не може да се види дека црвената линија на државата ни е сменета. Одбивањето, значи,  да се гласа за оваа спогодба од страна на партиите и политичарите кои биле на власт од деведесеттите па навака е едно невидено самонегирање на сопствените политички активности. Со два збора да речам: пример на политичка хипокризија со големо Х.

Би сакал да кажам уште една вистина, за да се вратам на аргументите што ги изнесовте.

Ценам – и мислам дека тоа е вистина што не може да биде сокриена – дека вашиот главен проблем, господине Мицотакис и госпоѓо Јенимата, не е уставот. Ваш главен проблем е Сириза. Вашиот основен проблем е тоа што оваа спогодба ја донесовме јас како премиер и Коѕијас како министер.

Вашиот основен проблем е во тоа што вие го правите она за кое не обвинувате нас, а тоа е создавање патетика од едно национално прашање. Го правите она за кое не обвинувате. Навистина, го правите тоа од една основна причина, оти оваа спогодба е донесена од оние кои не ги признавате и покрај тоа што се привремено на власт, зашто се сметате себе си за трајни сопственици на власта.

Доволно е да го видиме лицемерниот став што Неа Демократија го имаше уште од самиот почеток на преговорите. Господин Мицотакис на почетокот изјави дека поддржува спогодба за сложено име ерга омнес. Зошто? Затоа што очигледно мислеше дека нема да можеме да го постигнеме тоа. Но кога виде дека го правиме, се премисли, си го смени ставот, и постави задолжителен услов во спогодбата да биде промената на уставното име. Кога виде дека успеавме и во тоа, што и беше наша цел уште од почеток, тој ја подигна пречката и постави уште еден услов, уставните промени кај соседот да бидат целосно извршени пред да има ратификација во грчкиот парламент. Навистина, се сеќавам дека тогаш господин Кумуцакос беше толку сигурен што рече: “оваа клаузула е нескршлива и не мрдаме ниту чекор од неа“ и наредниот ден го пререче.

Но тогаш,знаете, ја испративте госпоѓа Спираки во Брисел да се сретне скришум со Заев и да му рече: “Застани, не оди со нив. Ние сакаме да тргнеме напред, ама немој да одиш со нив. Ќе се сменат работите во Грција и ќе постигнеме договор“. Тоа е реалноста.

Сега, кога разбравте дека сите наши суштински и клучни прашања се остварени, почнавте да зборувате за јазикот и нацијата, и покрај тоа што нашите соседи разјаснија дека спогодбата признава државјанство и дека нивниот јазик е словенски. Навистина, кога ја добивме изјавата со толкувањето, почнавте да се буните дека изјавата со толкување е напишана на стариот начин и го содржи зборот Македонија. Но како? Уставните промени им стапуваат во сила штом спогодбата ќе биде ратифицирана во грчкиот парламент. Така ни велите.

Дојдовте до таму да ни речете дека сте пронашле нешто друго, а тоа е – велите – дека не сме се откажале само од јазикот и националноста, туку сме се откажале и од народот.

Најпрво за изразот “откажале“ – господине Мицотакис, сте помислиле ли на  тоа? Постојано го употребувате без да разберете што навистина правите. Поприлично потсетува на една илузија за величина, која по се изгледа произлегува од вашето неодамнешно свртување кон националистичката страна.

Сепак не сакам да одам во сферата на психоанализата, ниту да си давам улога на психоаналитичар. Она што сакам да ви го кажам е дека не можете да отуѓите нешто кое го немате и кое не постои, од проста причина што никогаш не сме имале македонски јазик – Александар зборуваше грчки јазик, Александар учеше кај Аристотел на грчки, а не на македонски јазик – и од проста причина што македонските Грци кои живеат во северна Грција имаат грчка националност.

Сепак, одиме понатака. Вие велите дека ние сме се откажале од јазикот и покрај фактот дека токму вашата влада го направи тоа – на конференцијата на ООН за стандардизација на географските имиња во Атина 1977.

И бидејќи вашите влади ги имаа овие прашања пред себе, зошто тогаш, во 1994, не и доставивте никаква забелешка ниту примедба на Меѓународната Организација за Стандардизација која е задолжена за официјалната кодификација на имињата и јазиците на државите – членки на ООН, и ги одобривте кратенките МК и МКД? 

А  за сите што мислат дека ова е премногу техничка работа, сакам да им го повторам следново. Каде е мојот пријател Тасулас? Господине Тасулас, имавме еден разговор за ова. Ќе го кажам право овој пат. Евангелос Авероф, како министер за надворешни работи, во 1959 на ова место – не е случајно кога министер за надворешни работи ќе го каже тоа – го рече следното. И ќе го кажам право, пред се затоа што тој не го рече тоа сакајќи да даде одговор за јазикот, туку на главното и основно прашање, а тоа е малцинството. Малцинството беше поважното прашање разрешено со договорот од Преспа.

Што, значи, рече Евангелос Авероф во 1959? “Како прво, во грчка Македонија не се зборува македонскиот јазик којшто го зборуваат во Скопје и кој има своја граматика и правопис. Во грчка Македонија се зборува еден локален дијалект кој нема ништо заедничко со македонскиот јазик.

Зошто оваа изјава е откровение? Затоа што во еден единствен потег ги урива сите ненаучни лумпенпатриотски измислици што беа на тапет во неодамнешната јавна расправа.

На една страна, Евангелос Авероф, во својство на министер за надворешни работи, го признава очигледното, освен грчка Македонија постои и една друга Македонија која не е грчка, со самото тоа што вели “грчка Македонија“. Инаку, не би му требала одредница.

Од друга страна, го признава постоењето на македонскиот јазик, кога еден министер за надворешни работи ќе го рече тоа во грчкиот парламент, многу порано пред да биде именуван Коѕијас. Замислувам дека нема да го сметате за национален нихилист и предавник незаборавниот Авероф, за каков во случајот ги сметате господинот Коѕијас, оние што се во левицата и во Сириза. А тој ги признава граматиката и правописот и им одговара со јаснотија на сите оние наводни учени и лингвисти кои се обидуваат да не убедат дека еден јазик не е јазик, фрлајќи го во канта своето академско достоинство, и здравиот разум.

Едно значи ме предизвикавте за прашањето на малцинството и ми велите дека тоа прашање е суштинско, па сакам и тука да направам една историска ретроспекција. Штом денес зборуваме за вистината, да ја кажеме цела. Со договорот од Преспа нашите соседи децидно признаваат дека не постои прашање за таканареченото македонско малцинство во Грција. Ова прашање – а не името – ја сочинуваше срцевината на македонското прашање, ве потсетувам, во текот на војните во тогашна единствена Југославија, да се инсистира дека постои македонско малцинство на грчка територија.

Соодветните амандмани на уставот од соседната земја коишто ги издејствувавме со договорот од Преспа,  се оние со кои се отстранува било какво спомнување на заштита на македонското малцинство или на македонскиот народ во соседните земји, што ја поттикнува хомогеноста, на ист начин како што ние го правиме во нашиот устав. Јасно е, значи, дами и господа сонародница, дека без неослободени браќа нема иредентизам.

А за другото ваше обвинение, за наводното признавање на македоснкиот етнос, со кое неодмана бев збогатен со наводи дека е признаен македонскиот народ, мислам дека е дебата која ја имаме исцрпено. Повеќе пати имаме кажано дека употребуваме англиски термини.  “Nationality” и “ethnicity” се различни зборови. Мислам дека ја исцрпивме со сигурност откако ја добивме допломатската нота со појаснени од нашите соседи.

Сепак дозволете ми, за да разберат сите што не гледаат, да изнесам само уште еден пример. Зашто, како што реков, во соседната земја граѓаните имаат државјанство македонско – државјанин на Република Северна Македонија, но нивната народност е албанска и славомакеоднска. Тоа е реалноста.

За пример ви  давам една друга земја, Швајцарија. Швајварските граѓани имаат швајцарско државјанство, но се поделени во три народности: Германци, Французи и Италијани. Тоа им е етничкото потекло. Не разбирам што не разбирате.

Но ако зборуваме во рамките на одредбите од меѓународното право, ќе ви го кажам и ова. Во меѓународнот право не постои општоприфатена дефиниција на етнос и народ. Државите признаваат држави. Според тоа, дури и Коѕијас да сакаше да им даде народност, не ќе можеше да го направи тоа, бидејќи меѓународните договори не признаваат народност туку само државјанство.

Сепак сега сакам да им одговорам не некои прашања, зашто гледам дека основниот аргумент сиве овие години ви е една голема битка за народноста и јазикот. Така е.

Сакам да ви поставам едно прашање: Што точно направивте вие, додека преговаравте, за спомнувањето на македонскиот народ во уставот на соседната земја? Ги прашувам колегите затоа што последен пат кога се водеше дискуусија за менување на уставот на соседната земја не беше сега со Коѕијас. Тоа беше во 1992 со владата на Мицотакис и министерот за надворешни работи господин Самарас. Навистина, дали господин Самарас има побарано од уставот на соседната земја да се отстрани поимот “македонски народ“, а ние да не го знаеме тоа? Одговорот е не.

Господин Самарас тогаш го преговараше “пакетот Пинеиро“ со кој од наша страна беа иницирани уставни промени исклучиво по прашањето на малцинството, да не се спомнува малцинството во нивниот устав, и да се откажат територијалните претензии. Никакво спомнување – никово спомнување! – на македонски народ и македонски етнос.

И ако не ми верувате, би сакал да посведочам, макар да ова сеуште не е декласифицирано, да кажам дека беше со знаење на лидерите на партиите а не на целиот парламент што опфаќаат преговорите за “пакетот на Пинеиро“ и што кажа Самарас. Што рече Самарас? Зашто, навистина, истото го слушаме  и денес од госпоѓа Јенимата, – која за ова ни рече дека, ако го дадевме јазикот и нацијата, ќе го решевме спорот, ама не ги дававме зашто чувствуваме национална гордост – навистина, госпоѓо Јенимата, да го прочитавте внимателно Охридскиот договор што во 2001 година беше парафиран од САД; ЕУ и од владата на Симитис. Што вели тој договор? Сакате ли да ви прочитам што вели тој договор?  Официјалниот јазик на Македонија и во меѓународните односи на Македонија е македонскиот јазик. Без никаков ваш протест тогаш. Се зборува за македонски јазик, за Македонија и во сите значења за Македонци.

Толку многу сте се бореле за македонскиот јазик, за нацијата и за зборот Македонци. Ниту сте ставиле вето во ЕУ, ниту сте дале некаква примедба, од што толку многу се грижите за ова прашање.

Не обвинувате исто така за државјанството и пасошите. Дваесет и пет години, напите соседи, што ги нарекувате Скопјани, доаѓаат во Грција, се капат на Халкифики, се шетаат по плоштадот Синтагма – и добро прават овие луѓе зашто ни го помагаат туризмот – но на нивните пасоши не пишува “Скопјани“. Пишува чисто Македонци. Вие каде бевте дваесет и пет години? Зошто го допуштавте ова дваесет и пет години?

Каде бевте во 2008-2009 кога беше одобрен визниот режим по Шенген за соседната земја? Каде бевте вие, деца и борци за Македонија, толку години? Какво лицемерие!

Ни велите дека е неприфатливо сами да се ограничуваме и да подразбираме дека имаме ирационална логика – го слушнав тоа, денес го рече и господин Самарас – сакаме да го избришеме иредентизмот од книгите и на двете страни, а вам тоа не ви е прифатливо. Зошто не ви е прифатливо? Зошто не велиме дека само тие имаат иредентизам во книгите и говорот и дејствијата на државните и приватните тела. Навистина.

На 4.септември 2012 господин Самарас му напиша писмо на господин Груевски за овие прашања. И  што му рече тогаш Самарас на Груевски во писмото што му го прати? Дека начинот на кој историјата е прикажана во учебвниците на двете земји – на двете земји! – изземена од негативни проценки, со непријателска и неодговорна реторика кон соседите, е предмет за дебата. Барам ова да биде ставено во записникот.

Ете, Самарас, кој вчера дојде тука и ни рече: “не е можно, не постои момент Самарас да направил такво нешто“. И навистина тоа нешто беше направено од неговиот министер, годподинот Аврамопулос, во писмо до неговиот колега Никола Попоски во кое зборува за потребата државните служби и во двете земји да ги обесхрабрат дејствијата кои поттикнуваат насилство, омраза и непријателство кон соседната држава.

Навистина.

Барам ова да биде ставено во записникот.

Дами и господа сонародници, би можел да наведам десетици примери за  да покажам дека сите ваши неодамнешни аргументи беа апсолутно само изговори, дека сите ваши неодамнешни аргументи се апсолутно вознемирувачки.

Денес уште ми велите за означувањето на гографското потекло на производите, кое е заштитено од ЕУ – како да не знаете – дека за тоа е надлежна Европската Комисија, како за ЕУ така и за трети земји.

Денес ми рековте дека наводно нема да можеме да ги замрзнеме фондовите и да ставиме вето на пристапот на соседната земја во ЕУ ако тие не ја почитуваат спогодбата или ако не ги исполнуваат условите. И ова е една голема лага. Секое поглавје од процесот на приклучување ќе биде ценето во согласност со тоа дали соседната земја го исполнила она што е договорено. Дури и да испадне дека треба да се срамиме, зашто – велите – ако тргнат да отворат приватен институт, нема да биде државен зашто знаете дека не можат да имаат државни …

Не, не, господин Мицотакис не го рече тоа од идеолошки побуди. Знае дека со спогодбата државните институции на соседите не можат да се викаат “македонски“, ќе се викаат “на Северна Македонија“. Затоа рече приватен, знаеше што зборува.

Очигледно, значи, не го знаете или го игнорирате фактот дека за приватните институти за јазици одлучуваме ние. Ние одлучуваме дали ќе им дадеме дозвола или не.

И, што прравите? Тоа што го правите е обид да го дезинформирате грчкиот народ, да создадете лажна претстава дека не ви се допаѓа спогодбата, валкана лага. Она што не ви се допаѓа – повторувам – е дека спогодбата ја постигнавме ние.

И заради вистината, ќе ја заковам госпоѓа Јенимата. Ја прочитав објавата за исклучувањето на господин Теохаропулос. Зошто го исклучи? За се друго, само не заради недисциплина! Замислете да го исклучеше поради недисциплина, што ќе му направеше на човекот. Го исклучи не заради големата идеолошка разлика што овој прогресивен човек ја поддржува спогодбата, што е макар да е за жалење, може да биде е причината за неговото исклучување, туку затоа што непристрасно им помогна на плановите на Сириза и на Ципрас. Се смеам на вашата прогресивност, се смеам на вашата национална одговорност, се смеам на на вашата совест и на вашиот став по ова клучно национално прашање.

Нема да му одолеам на искушението да речам два збора и за Комунистичката Партија. Не го правам често, но во критичните моменти никој не е поштеден. На крајот од животот секому најпрвин му се оддава почест а сите ќе бидеме судени за она што го правиме. И бидејќи Комунистичката Партија е богата со историја – сто години историја – мислам дека денес држи место да се одбележи нивната историја.

 Не сакам да го спомнувам славомакедонскиот буквар што комунистите од Ташкент им го делеа на децата на славомакедонските борци од  Демократската Армија на Грција.

Не сакам ни да ги спомнувам 70-те илјади бегалци од Граѓанската Војна, на кои грчката држава во 1983 им го одзеде правото да се вратат во нивната татковина.

Ниту пак ќе ја спомнам славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена – комунист стрелана во граѓанската војна. Со овие ваши прашања на совеста треба да се соочите самите вие.

Ќе зборувам политички, нема да го спомнувам центарот на историјата на КПГ. Кажува ли значи денес, политиката на КПГ, која им е основната причина за постоење? НАТО. Која им е втората основна причина за дејствување? ЛГБТ.

Во ред, прифаќам дека сте против НАТО. Иако тука сакам да поставам едно прашање. Да речеме дека јас ја прифатам во целост вашата анализа, дека спогодбата е наложена од Западот, од меѓународниот империјализам и не знам што уште не ќе измислите. При вакви меѓународни услови, и при волјата на соседите кои сакаат да се приклучат кон НАТО, што е нивна работа, како мисли КПГ дека грчката држава може, или треба да ја признае оваа земја? Како? Под кое име? Што да им кажеме на овие луѓе? Што велите? Откако ни рековте нас дека самиот збор Македонија во нивното име е перверзија.

Дали јас не го прочитав Ленин како што треба кога бев мал, или пак вие не го прочитавте како што треба, зашто самоопределувањето на народите и движењата беше една од основните поставки на раволуционерната свест на комунистичкото движење.

Било како било, не сакам да се задржувам на тоа. Сакам да речам дека денес е непоимливо да не го разбирате и едното и другото, и да го правите тоа што не го разбирате, зашто и вие го правите од иста причина како и другите,  заради гласови и затоа што ви смета Сириза.

Во што не сте објективни? Не разбирате дека главниот непријател на работничката класа и пролетеријатот денес е неизгасливата жед на грчкиот национализам за одмазда врз придобивките на народното движење, врз придобивките на демократијата и врз сите овие мали придобивки што ги донесе оваа влада? Тоа не го разбирате.

Убаво ви е истакнувањето на симболите, ама во вчерашните протести бевме сведоци на политичката хегемонија на крајната десница. Не мислам само на нападот врз парламентот, на лажењето на народот, на убиствените напади врз новинарите. Ќе го спомнам само слоганот што го видов испишан по ѕидовите во Атина: “Да на фашизмот“, толку директно и ако сакате, толку природно и без трага од чувство на вина кон историјата. Тоа ли не го разбирате?

Ќе ви речам една работа, зашто денес и утре сите ние ќе ја преземеме одговорноста, одговорноста пред историјата, одговорноста пред нацијата, одговорноста пред нашите вредности и нашите прогресивни погледи, и кон она што сиве овие години го прокламираме на ова место.

И како што рече великиот Казанѕакис: “комунистите ја сакаат одговорноста“. Така рече. Се надевам дека некогаш ќе го направите и тоа со самокритика.

Завршувам, дами и господа, зашто веќе доволно многу реков. Балканот отсекогаш бил, не случајно, бурето барут за Европа. Распадот на унитарна Југославија беше почеток на еден суров период на раѓање на национализми кои ширеа терор и смрт. Национализми кои долги години му даваа печат на целиот регион. Меѓуетнички судири кои завршуваа со пушки во рака, а не со договори.

Ниту нашата земја не остана незасегната од овие тектонски промени. Сепак. Постоеја политички сили, полиитчари и дипломати кои на време го согледаа ризикот во кој би влегла Грција со една долготрајна авантура на северната граница.

 Сакам да оддадам признание дека еден од првите политичари кој го согледа ова беше Константин Мицотакис, и покрај огромните идеолошки разлики што ме делат од неговите ставови и секако разликата во политиката што тој ја спроведуваше. Но, со право беше почитуван во времето на распадот на Југославија и создавањето на државата на напите соседи.

Тој тогаш го има речено – и мислам дека е важно да го спомнам бидејќи е времето токму за тоа –  ова: “неприифатливо лицемерие е во име на национлната гордост и националната тврдоглавост да дозволиме оваа земја трајно да остане со името Македонија а да не доволиме сложено име“. И уште додаде: “во ова време е потребна чесност, чесност и храброст, тоа е тоа што и е потребно на нашата надворешна политика и мислам дека и недостасува“.

За жал, господине Мицотакис, навистина тоа ви недостасува денес, срце и смелост. Може ги нема кај вас, ама на мнозинството народни пратеници не им недостасува ни срце ни смелост за да ја исправиме нашата совест пред овој голем историски и национален предизвик, да го окончаме лицемерието, триесет години лицемерие, да си ја извршиме должноста, да стивне поделбата и омразата што национализмите ги имаа посеано меѓу двата народи и во двете земји.

Мислам, дами и господа сонародници, дека со оваа спогодба Грција си го зема назад најважното нешто, она што и припаѓа и е нејзина историја, нејзини симболи, традиција, наследството на античка грчка Македонија. А нашиот сосед, Северна Македонија, од земја на која и го имавме свртено грбот и ја турнавме да оди кај други, станува пријателска земја, станува земја сојузник, станува поткрепител на Грција во соработката, мирот и безбедноста во регионот  – и што е најважно – оддалечена од влијанието на трети земји кои, поради свои сопствени интереси, сакаат перманентна нестабилност на Балканот, перманентно опстојување на овој спор и слабеење на улогата на Грција во поширокиот регион.

Сега, значи, господине Мицотакис, е навистина клучниот час. И во овој клучен час јас сакам да им се обратам на и на пратениците и на Гркинките и Грците кои не следат. Ова е час на национална самоувереност и да,  на гордост, на националната гордост. Немаме од што да се плашиме додека се соочуваме со вистината. Ова е историски ден!

Историјата ја знаете толку колку што се согласувате, дека го земаме за нас она, што не не оправдува. Историјата, ако го направиме овој чекор, ќе и даде за право на Грција, на Грција која имаше одважност, на Грција која се бореше, на Грција која станува гарант на стабилноста и соработката на Балканот, на Грција чија голема историја и скапоцената вредност што ја носи таа историја не и дозволува да биде статист во меѓународните случувања.

Поради сите овие причини, пратениците ќе застанат право, пратениците ќе го направат она што им го вели совеста, пратениците ќе го направат она што е добро за земјата, пратениците ќе ја извршат својата национална должност. Нема да ги застрашуваат, нема да ги исплаши ништо. А со нивниот глас земјата ќе тргне напред.

Ви благодарам.

Leave a Reply