Што да се прави?

На кој начин да се бориме против неправдата? Како да им се спротивставиме на оние што ни ја одземаат слободата? Барањето одговор на овие суштински прашања било актуелна тема откога постои човештовото.

Кога едно вакво вакво прашање стигнало до него од тогашната британска колонија Индија, Лав Николаевич Толстој не губел време. Ги засукал ракавите, и напишал одговор кој по својата суштина е бескрајно едноставен, но воедно, како и повеќето дела создадени од него, со прецизноста на аргументите и со силината на неговиот израз, со својата величественост, генијалност и хуманост ги надминува границите на било кое време или било кој народ.

Трговска компанија има поробено 200 милиони народ. Кажете му го тоа на човек, слободен од суеверие, и тој нема да сфати, што значат овие зборови. Што значи тоа, дека 30 илјади луѓе, не силници, туку поточно речено слаби и злобни луѓе, поробиле 200 милиони живи, умни, силни, слободољубиви луѓе. Нели е јасно според бројките, дека не Англичаните, а самите Индуси се имаат поробено себе си.

Работата врз текстот “Писмо до еден Индус“ Толстој ја заршил на 14.декември 1908 година. Текстот потоа бил преведен на англиски и објавен во списанието Free Hindustan. Уредник и издавач на Free Hindustan бил Тарак Нат Дас, индиски активист кој се залагал за ослободување на Индија од британската колонијална власт. Прогонуван поради своите политички активности, емигрирал во САД. Извесно време живеел во Канада. “Free Hindustan“ го печател најпрвин во Ванкувер, а потоа во Сиетл.

Во текот на 1908, Тарак Нат Дас на два пати му се обратил со писмо до Толстој. Толстој бил личност почитувана во светски размери. Тарак Дас од него барал поддршка за идејата независност на Индија.

Одговорот на Толстој ...

… бил без ракавици, без непотребна куртоазија, директно во сржта:

“Велите дека Англичаните ги поробиле и ги држат во ропство Индусите бидејќи Индусите недоволно се спротивставиле на силата со сила. Но, совршено обратно е.”

“Ако Англичаните ги поробиле Индусите, тоа е само поради тоа, што Индусите го признавале и го признаваат насилството како главен и основен принцип на своето општествено уредување. Во име на тој принцип им се потчинувале на своим раџи, војувале меѓу себе, со Европејците, со Англичаните и сега пак се готват да војуваат со нив.”

“Кога Индусите се жалат на тоа, дека Англичаните ги поробиле, тоа е исто како, луѓето што се оддаваат на пијанство, да се жалат дека се поробени од продавачите на вино дојдени кај нив. Речете им, дека можат и да не пијат, но ќе ви одговорат дека така се навикнати, дека не можат да се воздржат, дека им е станато неопходно да си ја поткрепуваат енергијата со вино.”

Кои се причините за ова?

Толстој повторно е без влакна на јазикот:

“Како што може да се види од вашето писмо и од статиите не само во «Free Hindustan», туку и од сета индиска политичка литература на новото време, мнозинството раководители на општественото мнение на вашиот народ, не придавајќи им веќе никакво значение на религиозните учења што ги исповедал и ги исповеда индискиот народ, ја гледаат единствената можност тој народ да се оттргне од угнетувањето што го трпи, ако се приклучуи кон оние антирелигиозни и длабоко неморални форми на општествено устројство, во кои денес живеат англискиот и другите псевдо-христијански народи.”

Толстој не е ситна душа која, повикувајќи се на религијата, сака да ги одвлече луѓето назад во Средниот век. Неговото разбирање за религијата е поинакво. Потребно е разумно учење, кое, не само што би им го објаснувало на луѓето смисолот на нивното постоење, туку и би го определило и највисокиот закон според кој ќе се раководат нивните постапки, како алтернатива на повеќе од сомнителните поставки на лажните идеологии и на неморалните изводи што произлегуваат од нив, а се нарекуваат цивилизација.

Каде е излезот?

Кога зборува за индиската морално-религиозна традиција, Толстој не зборува напамет. Им кажува на своите индиски пријатели дека одговорот што го бараат уште многу одамна е запишан во нивните свети книги:

«Жален и неук е оној човек, кој го бара тоа, што го има, а не знае, дека го има. Да, жален и неук е човек, кој не ја знае благодатта на таа љубов, што го окружува а која јас сум му ја дал нему» (Кришна).

Премногу би било тука да навлегуваме во тоа како Толстој го разработил принципот на љубовта во духовно-религиозен смисол. Оние што сакаат, текстот на “Писмото до еден Индус“ на интернет може да се најде и во англиски превод, и во оригинал на руски.

Она што е битно, тоа е пораката која, колку што им била важна на Индијците пред 100 години, уште поголемо значење има за нас, денес:

“Ако човекот живее согласно со својствениот на неговото срце и нему веќе откриен закон на љубовта, кој во себе вклучува непротивење, и поради тоа природно не учествува во какво и да е насилство, тогаш не стотина ќе поробат милиони, туку милиони нема да поробат еден.”

“Не противете се на злото, но и сами не учествувајте во злото, во насилствата на администрацијата, судовите, собирањето данок, во војската, и никој на светот нема да ве пороби.”

Искра од која е запален огнот

Човек кој до крај ја разбрал длабочината и грандиозноста на кажаното од Толстој бил Ганди. Не само што го прифатил со се срце, туку умеел да им го прераскаже на милионите свои сограѓани на начин на кој секој од нив можее да го разббере. Нашол и начин како реченото од Толстој да го примени во пракса. Ја сменил историјата.

Но, Ганди заслужува посебна тема. Наскоро ќе пишувам и за него.

Mohandas K. “Mahatma” Gandhi led a successful campaign of nonviolent resistance against British rule in India.

Leave a Reply