Приказната за тоа дека ако една жаба ја ставиме во сад со студена вода, и водата постепено ја загреваме, жабата нема да реагира и ќе остане да биде сварена жива, била повод за многубројни научни експерименти и испитувања. Интересен е резултатот што го регистрирал германскиот лекар Фридрих Голц во 1869 година: жаба, на која мозокот и бил отстранет, останува во топлата вода; но, за разлика од неа, нормална жаба со негибнат мозок ќе се обиде да избега штом температурата на водата ќе достигне 25 степени.

Применето на сегашниот македонски момент: антиинтелектуалниот пристап во промовирањето на договорот од Преспа ни сведочи дека авторите на тој договор ги имаат на ум постулатите од експериментот на Голц. Жабата не може да биде сварена жива ако мозокот и функционира нормално. Па така, очајничкото бегање од било каква здраворазумска дебата, заедно со простачкото ниво и недостатокот на елементарна логика во пропагандната војна, има само една и само една функција: да ги осакати и онеспособи рефлексите за преживување кај групата што е цел на експериментот.

Но, да оставиме тоа да биде нивни проблем. Наше е да водиме сметка за здравјето на сопствениот нервен систем. Ако тој функционира како  што треба, безбедни сме. Се друго ќе си дојде на место само по себе.

Нареднава анализа е мој мал прилог кон она за што мислам дека би требало да биде нормална, разумна и цивилизирана дебата, алтернатива на обидот за национална лоботомија кој ни се продава како “иднина за која нема алтернатива“.

 

Договорот од Преспа: член 7 (првите три става):

 

  1. Страните се согласни дека она што секоја од нив го подразбира под поимите „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
  2. Кога се мисли на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот од северниот регион на Првата страна, туку и нивните атрибути, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
  3. Кога се мисли на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните атрибути, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои јасно се разликуваат од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Напомена (1): со цел попрецизно да се долови смислата на англискиот оригинал, мојот превод на член 7 од договорот јасно се разликува од преводот кој е објавен на владината веб страна.

Напомена (2): Многу од деталите на договорот се навидум двосмислени, но во суштина намерно заплеткани. Многу често, за да разјасниме само една дадена реченица, ќе треба  да ги анализираме сите 20 страници од напишаниот текст. Деталите се расцепкани на најситни можни елементи, кои потоа се расфрлани во најразлични точки и потточки од договорот. Неопходна е помош од специјалист кој добро го познава англосаксонскиот правен систем.

Кога некој би се нафатил да изработи целосна анализа на дваесетте страници од овој намерно хаотично напишан правен документ, тоа најверојатно би дало десетпати повеќе материјал за читање. Нема да се занимаваме со тоа, туку би се задржал само на еден единствен елемент: начинот на кој е дефинирана (или не е дефинирана) македонската националност во член 7, став 3.

 

Ѓаволот се крие во деталите

 

Членот 7, став 3 е, без сомнение, омилено прибежиште на рогатиот итрец:

  • (поимите Македонија, македонски ) “ја означуваат нејзината територија, јазик, народ“.

Нејзината територија? Што значи тоа? Освен за нас, дали за некој друг народ има слична рестрикција? Постои ли макар една единствена етничка група во светот, чие постоење со закон е дозволено само на определена административна територија? За кој друг народ постојат две вистини за неговиот идентитет, вистини кои “јасно се разликуваат“ една од друга?

Одговорот е недвосмислено не. Уникат сме. Нашиот експеримент е единствен во светската историја.

И, макар да сеуште сме далеку од тоа договорот да има статус на закон, последиците од неговата примена ги чувствуваме, и тоа жестоко. Македонскиот идентитет, според втората од двете вистини, има правна сила само на територијата на Втората страна. Оние што се надвор од таа територија, претставуваат проблем кој не може да биде разрешен со дихотомијата на македонското наследство конструирана во договорот од Преспа. Проблем кој мора да биде елиминиран по секоја цена.

 

Дијаспората.

Колажов е направен со извадоци од провладините медиуми, и, делумно од Фејсбук. Претставува само мал дел од лавината пцости, навреди и нискости што артилериските орудија на владината пропаганда секојдневно ја  истураат врз не само врз “оние однадвор“, туку и врз домашните “примитивци“.

Но, цивилизациското ниво на методите со кои владата води војна против нас не е она што е најважно. Тоа е само прашање на форма, начин, избор на едно валкано тактичко дејство за кое врховната команда проценила дека во дадените услови ќе биде најефективно за да се постигне саканата цел. Она што е битно, е стратешкото прашање: која е таа цел? Зошто на власта и е толку важно да ги разори сите врски, да создаде една бездна, едно сурово непријателство и длабока омраза меѓу оние “надвор“ и оние “што немаат резервна татковина“?

Став 3 од членот 7 ни го дава одговорот. Наводното “право на самоопределување“ што ни го гарантира овој договор е само беден сурогат на вистинското  право на самоопределување. Димензиите по кои “самоопределувањето“ е строго ограничено, осакатено и инвалидизирано се:

  •  по форма: секој, дури и најситен детал од она што би сакале да го сметаме за сопствено историско и културно наследство е подложен на надворешна контрола и директно зависи од тоа дали ќе ни биде одобрен однадвор;
  • по територија: на вака осакатениот сурогат од национален идентитет ќе му биде дозволено да го носи атрибутот “македонски“ исклучиво на територијата на Втората страна. Секое проширување на овој локален идентитет надвор од административните граници на Втората страна, е во колизија со став 2 од истиот член, и директно ја загрозува “другата вистина“, односно грчката фикција за “историско наследно право“ врз Македонија.

Со напливот од негативна енергија насочена против дијаспората, Владата на Заев темелно и дисциплинирано ги одработува обврските од член 7 на договорот кој сеуште нема сила на закон. Поточно, одработувањето на оваа мизерна задача – сечењето на врските со дијаспората – владата го има започнато уште доста порано, неколку месеци пред да биде објавен текстот на договорот. Задача, која произлегува од компулзивната потреба, од процесот на конструирање на новокомпонираниот квази-македонски идентитет, неизоставно и безусловно да бидат елиминирани сите можни групи кои се надвор од административните граници на Втората страна, а полагаат право на македонски идентитет – онаков како што го знаеме досега.

Токму тука, во фактот дека противречноста на шизофрената идеја за “различни вистини“ не може да биде разрешена преку принудна територијална поделба, се крие најсериозната фалинка на налудничавиот проект за деконструкција на македонската нација. Точно е дека европскиот проект (1923) за таканаречената “размена на населението“, надополнет со отворено геноцидната политика на Грција, има дадено опипливи резултати. Исто така, точно е дека догмата прогласена од Тодор Живков на мартовскиот пленум на БРП (1963), надополнета со солидна доза на патолошки антисрпски шовинизам, исто така има свои резултати. Но, замислата дека, со доследна примена на некаков си амалгам од богатото искуство во етнички инженеринг што го имаат Бугарија и Грција, сличен резултат би можел да се постигне и на територијата на Втората страна, е рамна на утопија.

 

Што понатаму?

 

Далеку од реалноста е да се очекува дека, во текот на наредните две или повеќе децении чекање на прием во ЕУ, пословичната ревност и поданичка послушност на насилничко-антиинтелектуалните режими од типот на Груевски и Заев кои во редовни интервали наизменично би ја преземале улогата на локален сатрап во Втората страна, ќе биде доволна гаранција дека постапното, чекор по чекор, разградување на македонскиот национален идентитет ќе стигне до некаков логичен крај. Попусто е надевањето дека ако, при отворањето на секое ново поглавје од преговорите со ЕУ, температурата на водата задолжително ќе мора да се покачи за еден степен (сеедно е дали тоа  ќе биде по грчко или бугарско барање), и дека жабата нема да го забележи тоа, туку смирено и без противење ќе се соочи со судбината, задоволна од тоа што во ЕУ ќе биде примена не како жив субјект, туку како кулинарски специјалитет – батаци варени на тивок огин.

Времињата за вршење вакви експерименти се одамна поминати.

Можеме да го критикуваме Западот по многу основи, но факт е дека основните цивилизациски вредности во тие земји, барем за внатрешна употреба, се неприкосновени. Во ниедна од западноевропските или прекуокеанските држави, нема ни теоретски шанси да се случи полиција да му забрани некому да го вее знамето со сонцето од Кутлеш, или пак парламент да донесе закон за именување на некоја етничка група спротивно на нивната волја. Ниту пак има шанси западен политичар во својата земја да си дозволи да се однесува на начин како што се однесува во Скопје, а кариерата да не му биде завршена и запечатена во рок од 24 часа. Приказните дека Грција е светска велесила која има неограничена моќ да им го диктира на западните држави поведението во однос на македонското прашање, се приказни наменети само за пропагандна употреба. Во реалноста е поинаку, македонската дијаспора многу убаво го знае тоа, и е слободна да дејствува независно од притисоците кои, во татковината, се реална закана за многумина.

Неодржливоста на проектот “Заев 2018“ произлегува од неможноста да ја контролира дијаспората, од веќе исцрпените финансиски резерви за пропагандната машинерија, и од вградената фабричка грешка, од бесмислената теза дека патот кон Западот води преку газење врз западните цивилизациски вредности.

Во моментов, владата на Заев се однесува како да е обземена од вознесот и чувството дека располага со неограничена моќ, дека е доволно силна за може да скрши секаков отпор, и дека никој не може да ја спречи да ги вгради репресивните мерки на грчката нацистичка традиција во законодавниот систем на земјата. Но, прашање за квизот “кој сака да биде милионер“ е – за колку време маничната епизода ќе премине во депресивна? Уште колку долго може да трае самозалажувањето? Ако судиме според трчањето, сета работа да се склепа набрзина, без мислење, прекутрупа, од денес до утре, а исто така и според буџетскиот дефицит од кој се финансира корупцијата и пропагандата, дефицит кој опасно се доближува до границите на одржливото, одговорот е јасен. Биолошките закони се неумоливи: на оној што нема контрола во пијанството, сеедно дали е опијанет од лошо вино или од лажно чувство на моќ, и заради тоа беснее, крши, мава и ги напаѓа сите околу него, наредниот ден задолжително му следува мачно трезнење, болки во главата и каење заради попусто фрлените пари и изгубените пријатели.

Што станува да биде кажано како последна мисла пред претстојниот референдум? За мене лично, чувството на смиреност и радост што, и покрај  дванаесетте години владеење на Груевски проследено со атак врз здравиот разум, македонскиот национален ум сепак покажува знаци дека е речиси неоштетен, функционира, и, ако цениме по бројноста и духовитоста на одговорите што ги добива фашизоидната пропаганда, функционира натпросечно добро. А тоа значи, дека експериментот со кој е предвидено жабата да биде сварена жива, експеримент чиј прв и најважен постулат е жртвата да нема мозок, нема теоретски шанси да успее. Што и да се случи, какви и малверзации да примени, заевизмот нема иднина, зашто единствениот начин на кој оваа подмолна идеологија може да опстои, магијата што би ја натерала хипнотизираната жртва сама да си ја стави јамката на вратот, веќе е разобличен, прозрен, и со тоа онеспособен еднаш и засекогаш.

Од далечниот Сиднеј, им ги испраќам моите поздрави и најтопли желби, мојата почит за одважноста да се биде човек во вистинскиот момент, мојата искрена благодарност до сите оние коишто се во првите борбени редови, до оние коишто деноноќно, храбро и неуморно ги поднесуваат секојдневните ниски удари, и ја водат решавачката битка до победа за сите нас.

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply