“Астротурф“ е неологизам во англискиот јазик што означува еден релативно нов, специјализиран вид на политичка манипулација. Во лексикографскиот речник на Merriam-Webster, астротурфот е дефиниран како “организирана активност чија намера е да создаде лажна слика на широко и масовно спонтано движење кое поддржува или се спротивставува на дадена идеја, производ или личност, но во суштина е иницирано и контролирано од некоја прикриена организација“.

Макар да креирањето лажно јавно мнение е неразделен дел од денешниот подем на интернетот, ваквата пракса постоела и порано. Како датум кога е искован терминот “астротурф“  се смета 1985.  Тогашниот сенатор од Тексас, Лојд Бентсен, го употребил тој збор опишувајќи ги натрупаните купови писма што ги добивал поради гласањето за некој нов закон. За објаснение: Astroturf  е име на една голема компанија – производител на вештачка трева. Сенаторот го споредил неразумно големиот број писма испратени на негова адреса со синтетичка трева, трева која нема вистински корен.

Зошто “вештачка трева“?  Во англосаксонската политичка култура, под grassroots (корените од тревата) се подразбира движење или идеологија што потекнува “одоздола“, од обичниот човек, од широките маси. Па така, на ист начин како што елегантниот дизајн на  вештачката трева може да излаже со својот изглед, така и мимикријата на широко поддржано политичко движење може да одведе многумина на погрешен пат.

Денес, интернетот и социјалните мрежи даваат можност за примена на астротурфот во многу пошироки размери.

Методите се: пишување блогови, креирање профили на фејсбук и твитер, огласи, писма до уредниците, или едноставно пишување коментари по интернет. Групите со специјални интереси имаат на располагање неограничени финансиски средства за да најдат нови креативни начини извртување на реалноста.  На располагање имаат дури и софтвер за автоматско генерирање на фиктивни профили на личности, комплетни со лажни ИП адреси и историја. Ваквите фиктивни профили тешко се разликуваат од вистинските.

 

 

Како да препознаеме што е трева со корен, а што пластика?

 

Американската новинарка Шерил Аткисон во едно свое предавање што го има одржано пред студентите на универзитетот во Рено, Невада, ни дава поприлично исцрпен преглед на нештата по кои можеме да ги препознаеме идеите за кои “поддршката“ е само привидно масовна, а во суштина е платена од групи со специјални интереси. Така, активистите на астротурф пропагандата:

  • Употребуваат кавгаџиски и навредливи изрази
  • Ја напаѓаат личноста, а не фактите
  • Ги критикуваат оние што ги разоткриваат штетните активности, а не оние што ја прават штетата.
  • Не бараат одговорност од власта, туку ги напаѓаат критичарите на власта
  • Ги напаѓаат медиумите кои објавуваат информации што не им одат во прилог
  • Ги напаѓаат оние што ги разоткриваат лагите и поставуваат незгодни прашања.
  • Објавуваат информации кои се збунувачки и конфликтни до таа мера, што вистината веќе не може да се препознае.
  • Ги етикетираат како “контроверзни личности“ оние што не се согласуваат со нив.
  • Настојуваат да ве изманипулираат да си го смените мислењето со тоа што ќе ве натераат да се чувствувате како отпадник од општеството.

Астротурф пропагандата задолжително ги прикрива своите финансиски извори. Дополнително, како во нашиот случај, создава конфузија со лажни информации дека оние што ја разоткриваат перверзијата се “платени од Русија“.

 

“Европска Македонија“

 

Своето предавање пред студентите од универзитетот од Невада, Шерил Аткисон го има одржано на 6.февруари 2015 година. Што е речиси три години пред да започне медиумската офанзива за укинување на националниот идентитет во Македонија. А сепак,  во тоа предавање, со неверојатна прецизност, точка по точка, во детали е опишано сето она што се случува кај нас денес. Можно ли е да се работи за видовита личност, за натприродни способности да се знае иднината? Не би рекол, зашто има многу поедноставно објаснение. Факт е дека денес во Македонија не се случува ништо натприродно, туку едноставно, на дело се применува еден метод на манипулација кој претходно е разработен и испитан во Америка, метод чија ефективност е повеќекратно проверена, метод кој е доволно изучен и созреан за да може да биде применуван според однапред разработена шема.

Се разбира, Македонија не е иста што и Америка, и тука мора да се води сметка за локалните специфичности.

Бројноста на населението е далеку помала, луѓето се знаат меѓу себе, па следователно бројот на фиктивни профили кои на интернет би ја поддржувале перверзијата од “европски вредности“ што насила се наметнува, е ограничен. Овој недостаток се надополнува со зголемен број на платени пишувачи кои, најчесто, одбегнуваат да го спомнат изворот од каде се финансирани.

Нагласокот е повеќе на психолошките манипулации, создавањето конфузија, раздор, и негативни емоции до толкава мера, што нормална расправа и здраво критичко размислување веќе нема да бидат можни. Бизарен пример на оркестрираната пропаганда каде реалноста се извртува до таа мерка што веќе ништо не е разбирливо, се двете колумни објавени во еден ист ден, со една иста порака. За грст рубљи од Џабир Дерала и “Преображението“ и носталгијата на Трпета од Темелко Ристески. Како водени од некоја невидлива рака, и Џабир и Темелко, во еден здив и со едни исти зборови, пишуваат на една иста тема: за наводното масовно каење на луѓе кои до вчера биле огорчени противници на македонскиот етноцид. Приказната за заблудениот бојкотирач кој откако “ја осознал вистината“ се преобразил во нешто спротивно на она што бил, е по својата природа, перверзија на приказната од Новиот Завет за заблудениот син. Перверзија строго наменета на само една целна група: читателот чиј идентитет е длабоко вкоренет во христијанската културна традиција.

Како да се одбраниме, и како да и се спротивставиме на оваа надојдена река од лаги која се истура врз нас? Тоа е тема за себе, ќе пишувам за неа наскоро. За денес, само кратко: имајте на ум дека, и покрај сета привидна страотност, реалноста што е опишана во пропагандните пораки е сепак само фикција. Измислица, меур од сапуница, нешто што не може вистински да не погоди и повреди ако не поверуваме во кажаното. Затоа, не е потребно да ја трошиме сета животна енергија на борба со нив. Би било како да водиме битка со армија пластични кукли.

 

 

П.С. Во една друга прилика, реков дека треба да го почитуваме Џабир Дерала поради неговата ретка особина, да биде на прво место човек, а потоа Албанец и се друго. Сега, по сите негови текстови во кои се претставува дека е на прво место платен пропагандист, а дури потоа човек, ќе мора да се оградам од тоа што сум го рекол порано.

 

 

 

Leave a Reply