Бранко Героски е влијателно име во македонското новинарство. Професионализмот му е принцип врз кој се темелат неговите резултати. Но, со секој изминат ден, се повеќе ги менува критериумите врз кои се има изградено себе си. Рамките на ретроградната антихумана идеја на која се чувствува обврзан да и служи се премногу тесни за да може во нив да опстои квалитетот и нивото за кое Героски во принцип се залага. Во неговите медиуми денес дијалогот, заемното почитување и потрагата по вистината се исклучени од равенката; деструкцијата, ниските страсти и продлабочувањето на поделбите се ставени на прво место, пред фактите и разумот.

Повод за ова и вакво мислење е неговата најнова колумна, Македонија на запад, чија порака е сублимирана во неколку точки. На една страна, фалби за “компромисот“:

  • идејата за менување име е лансирана во ноември 2007 од Жарко Јорданоски и од Бранко Героски;
  • во тоа време јавноста сеуште не била подготвена да прифати една таква идеја;
  • менувањето на името е висока, но неизбежна цена што ќе мора да се плати,
  • социјалниот инженеринг на Заев е “храбар политички потег“;
  • договорот од Преспа е одличен, зашто ги зачувува атрибутите на нашиот национален идентитет;
  • процесот ќе успее по секоја цена.

и, потоа, осуда на противниците:

  • алтернатива на менувањето име е “јадење корења“;
  • приказните за “четирите волци“ со кои Македонија е опкружена, се удбашка инсталација;
  • истражувањето на античката или алтернативна историја е симптом на “нација карикатура“;
  • противниците на договорот се запенавени националисти, сечачи на вени, вреваџии и насилници;
  • противниците на референдумот се “свињи кои одвај чекаат да го згазат и потоа да нѐ растргнат“.

Што да му се одговори? Ајде да почнеме по ред.

 

Жарко Јорданоски

 

Не му правиш услуга на Жарко Јорданоски со тоа што го рекламираш дека бил првиот што објавил “еретичка“ статија во ноември 2007. Сеќавањето сеуште не служи, и знаеме дека ноември 2007 е време кога започнува медиумското “обработување“ на јавноста за да биде подготвена да го проголта новото име “Република Македонија (Скопје)“ со кое Никола Груевски требаше да го избоксува членството во НАТО на самитот што се одржа во април наредната година во Букурешт.

Со ретроспективата за вашите написи и колумни од тоа време потврдуваш само едно: дека новинарскиот талент и тогаш како и сега, ви бил во служба на прикриени интереси чии планови требало насила да му бидат наметнати на овој народ. Потврдуваш дека и ти, и Жарко, сте биле меѓу неколкумината одбрани и овластени да имаат пристап, на највисоко ниво во државата, до строго доверливите информации за првоаприлските планови на Груевски. Потврдуваш дека и двајцата сте постапувале по налог на заткулисните режисери на претставата, дека квасецот на “еретички статии“ сте го дотурале во тестото кое треба да биде измесено – според точно определен тајминг. Не во јули 2007, кога е прерано и никој нема да ги чита, ниту во февруари 2007, кога би било предоцна за да стаса и созрее тестото. Потврдуваш дека со вашиот новинарски опус, сте биле во функција, и тоа како елитни играчи од висок ранг, на режимот на Никола Груевски.

 

Режимот на Груевски

 

Велиш дека широките народни маси не можеле гласно и слободно да ја искажат поткрепата за сопствениот геноцид додека биле притиснати од злосторничкиот режим на Никола Груевски. Ги убедуваш читателите дека дури со падот на овој злогласен режим, македонскиот народ добил шанса по слободна волја да гласа за сопственото укинување и бришење од историјата.

Навистина ли толку ја потценуваш интелигенцијата на оние што те читаат, Героски?

Потребна ли ти е клетва “додека го дишам овој македонски воздух“ за да разбереш дека веќе никој не ја голта лагата?  Сигурен сум дека ти е јасно и тебе, како и на секој друг. Јасно ти е дека дека стотиците илјади луѓе што протестираа и гласаа против Груевски, очекуваа слобода од репресивниот режим, а ниту во сон не се надеваа дека ќе добијат режим кој е уште повеќе корумпиран и побезобѕирен во владеењето од позиција на сила. Режим кој луѓето ќе ги третира не како свои гласачи на кои им должи респект, туку како поданици од понизок ранг, како маса од експериментални глувци наменети исклучиво врз нив да бидат испробувани и тестирани најновите методи за перење мозок.

Замената не тезите ти е премногу мачна за да може било кој да ја голтне, ваква каква што е, Героски.

 

Договорот од Преспа е во колизија со кривичното право

 

Велиш дека веднаш по читањето на англиската верзија на договорот меѓу Заев и Ципрас си го оценил како “одличен“. Имаш тука еден мал проблем. Зоран Заев ги има сите олеснителни околности. Нему му е дозволено да распредува фалби на фиктивна основа. Човекот со голем труд и упорност си има изградено репутација дека не лаже само тогаш кога молчи. Повеќето не го земаат сериозно. Но, твојот збор има поголема тежина. Проклетството на интелектуалниот пристап е во тоа: тебе не ти е допуштено, по примерот на Заев, да избегаш од темата со некаков си на брзина склепан мајмунлак. Пред спротивставените аргументи, мора или да дадеш издржан одговор, или да признаеш дека не си во право.

Па така, не ти веруваме дека не ја знаеш историјата на грчка Македонија. Не ти веруваме дека не си чул за насилниот прогон на Македонците и за насилното доселување на други етнички групи, за насилното менување на имињата – лични, семејни, населени места, реки, планини. Не ти веруваме дека не ти се познати масовните убиства, концентрационите логори и режимот на фашистичка репресија.  Ниту пак можеме да ти поверуваме дека не ти е позната дефиницијата што се подразбира под геноцид.

Понатаму, ја исклучуваме можноста дека при читањето си прескокнал некои битни точки, дека во сликата што ја имаш за тој договор постојат некакви црни дупки. Не е можно да не знаеш дека со договорот си обврзан како историски факт да ја прифатиш фикцијата дека Македонија била грчка во континуитет од антиката до денес. Ниту пак можеме да ти веруваме дека не си разбрал дека “нашето толкување“ на придавката “македонско, македонски“ важи само на територијата на административната област Северна Македонија, а секој друг, надвор од овие тесни локални граници, ќе го нема тоа право.

Со други зборови: договорот од Преспа ни наложува законска обврска да воведеме лага во историјата. Со тоа, де факто ја аболицираме Грција за извршениот геноцид. Ако се уништи доказниот материјал, тогаш нема ни одговорност за злосторството, нели?

Гротескноста на деталите од договорот со кои е пропишана државна репресија со која насилно ќе се имплементира историската фатаморгана во склад со грчката компулзивна потреба да се истисне од свеста сеќавањето за нивниот историски злостор, се граничи со морбидноста на систематското пребојадисување на фреските во македонските цркви, за каменоресците испраќани да ги откршат македонските имиња од надгробните плочи, за полицајците што со пендреци се нафрлале врз стара жена или дете заради изговорен македонски збор.

Велиш дека тоа е “одлично“? Колку и да се трудиш, не можеш да ја излажеш ниту сопствената сенка, Героски. Никој не ти го купува фашизмот, макар и да си го завиткал и прекрил со најскапа хартија на која пишува “европски вредности“.

Правната страна, дека приватен договор меѓу две страни не може да биде основ за ослободување од кривично гонење, би ја оставил за некоја друга прилика. Предизвикот за тебе, во овој момент, е следниот.

Ако навистина си толку итар како што се претставуваш, еве ти прилика да го докажеш тоа и на дело. Зошто не отидеш на пример, во Ерусалим, и да им објасниш на оние што плачат пред западниот ѕид дека со тоа што го прават, се дефинираат себе си  како “нација карикатура“ која живее во митот, наместо во сегашноста? Зошто не им предложиш закон со кој државата Израел би наложила од учебниците, библиотеките и архивите, во име на пријателството со Германија, и во име на “европските вредности“ да бидат избришани податоците за Аушвиц, Бухенвалд и Треблинка?

 

 

Што навистина научивме од твојата порака

 

Нема многу дилеми.  Пораката од твојот напис е кратка и јасна. Ни кажуваш дека одлучувачката фаза на пропагандната војна ќе се води без бирање средства, без респект за никакви правила, со лавина негативна енергија, со распирување омраза до опасно високи граници.

Во структурата на твоите медиуми, сите елементи на воената доктрина се јасно присутни. Од надуеното самобендисано его и замислената супериорност на провладината елита, преку оцрнувањето и безмерно пренагласениот потценувачки однос кон противниците, до перверзната испревртеност на западните цивилизациски вредности. Како алатки  ги имаш фекалиите на Тричковски, и булукот од третокласни колумнисти кои во нормални услови, сигурен сум, не би ги издржале ниту минималните книжевни критериуми што како како уредник би им ги поставил. Ja имаш фашистичката доктрина на Нано Ружин за ограничена слобода на умот, учењето на Денко Малески за правото на силата, и безобразните закани со “реки што ќе течат по улиците“ на Зеќирија Ибрахими.

Треба ли и тебе, како на Денко Малески, да ти речам дека е опасно да си ја предизвикуваш судбината? Дали ти е јасно дека кога повикуваш на судир со “реки крв“, го повикуваш тоа и за себе и твоето семејство? Прикочи малку, Героски.

И уште нешто: не се обидувај да ја користиш религијата како алатка во сегашнава крвожедна фаза на пропагандната војна, зашто со тоа најголема штета не му нанесуваш на никој друг, туку на самиот себе. Универзалните вредности запишани во Новиот Завет имаат иста сила и важност како и законот за гравитација. Не можеш неказнето да ги прекршиш. Кога како “бисер“ ни го подметнуваш обновувањето на фашизмот, а оние што разбрале каде е јадецот ги споредуваш со “свињи“, го правиш она што во евангелието по Матеј е санкционирано како единствен грев кој на човек не му се простува. Ако украдеш, повредиш, изневериш – со молитва, вера и каење можеш да ја поправиш грешката. Но, не и хулењето на Светиот Дух, односно кога свесно и смислено ја прогласуваш лагата за вистина,  темнината за светлина, фашизмот за “европски вредности“. Тоа останува како твоја карма засекогаш. Да ти повторам уште еднаш: застани, прикочи, размисли што правиш. Премногу ниско одиш, Героски..

 

 

 

 

Leave a Reply