Приказна прва

1.мај 2012: на само две недели по убиствата кој Смилковското Езеро, Гордана Јанкуловска победоносно ја запозна јавноста дека рано утрото  со математичка прецизност е изведена антитерористичка акција во која 800 припадници на силите на безбедноста имаат неутрализирано и лишено од слобода група од 20 радикални исламисти “кои војувале во Авганистан и Пакистан против НАТО војници”.

На грижливо подготвената сцена, пред бројните телевизиски камери, министерката ја просветли нацијата дека основниот мотив на убиствата бил да се создаде страв и несигурност кај населението. Убиствата имаат меѓународна димензија бидејќи, Република Македонија е дел од глобалната коалиција за мир, и со самото тоа е цел на нападите на радикалните исламисти

(AP Photo/Boris Grdanoski)

 

Приказна втора

28.април 2015: на прес конференција со подеднакво грижливо подготвена сценографија, Зоран Заев ги најави најсилните “бомби” со кои конечно ќе биде разнесен режимот на Никола Груевски.   Со театралност рамна на театралноста што ја прикажа Колин Пауел во неговото обраќање пред Советот за безбедност на ООН во февруари 2003, Заев ги подигна емоциите до точка на вриење најавувајќи ги најсензитивните материјали за случајот “Монструм”. Исто како шишенцето антракс во раката на Пауел, касетата во раката на Зоран Заев беше мамката за масовно придобивање приврзаници на неговата кауза: “Овде е случајот со Смилковско Езеро, овде е Никола Младенов, што тоа се случило, … овде е и името… Вистината ќе ја споделиме со граѓаните и ќе се случат протести“.

 

 

Приказна трета

27 март 2018: на исто така спектакуларно подготвена прес конференција, Никола Димитров ги истретира стаписаните присутни новинари со шок-терапија од висок напон. Ни стави на знаење дека лекцијата од Јанкуловска не смее да биде заборавена.  Ниеден важен настан не е линеарен ниту изолиран. Исто како и убиствата кај Смилковското езеро, и денешното официјално објавување непријателство кон Русија има две димензии. Од меѓународна страна, обврзани сме да војуваме против Русија како држава-членка на антирускиот воен блок. Од домашна страна пак, рускиот дипломат мора да биде протеран зашто бил фатен во “обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија”.

 

 

Заеднички именител

Која е заедничката порака од сите три македонски народни приказни? Во секоја една од нив:

  • искажани се безочни лаги
  • се лаже свесно,  намерно, и без никаква грижа на совест
  • лагите ги “пуштаат во оптек” личности на висока и одговорна позиција
  • туѓата несреќа се користи за себепромовирање и пропаганда

Не е проблем да се пронајдат фалинките во шокантните приказни конструирани од “нашите” политичари. Доволно е само куса временска дистанца, само малку да се смират емоциите, за да може да се постават нормални, суштински и разумни прашања.

Кои класифицирани информации биле цел на рускиот дипломат? Одговор на ова прашање не треба да очекуваме од Димитров, зашто веројатно сеуште нема добиено инструкции што да каже. Доколку пак одговорот го побараме на друга страна, најпрвин ќе ни треба соодветен и издржан одговор на едно друго прашање:

Со какви класифицирани информации располага Македонија? Нови технологии на супер-оружја што ги развива нашата воена индустрија? Тактички план за инвазија на Грција? Финансиски стратегии за да предизвикаме колапс на берзата во Њујорк? Бројот на војници со кој ќе учествуваме во окупацијата на Авганистан?

Ако подобро размислиме, и една по една ги елимираме сите бесмислени претпоставки, ни останува само едно нешто со реална геополитичка тежина. Она што му е потребно и доволно на било кој што има интерес или намера да влијае врз процесите во Македонија може да се најде во “бомбите” на Заев.

Притоа, содржината на “бомбите” е споредна; многу поважен е податокот дека реално постои еден ваков арсенал на софистициран разузнавачки материјал што може да биде употребен кога е тоа целисходно. Тоа значи дека во Македонија постои систем на разузнавање овластен да следи, прислушкува и собира детални информации за секого и на сите нивоа, од најобичен граѓанин па се до врвот на државата, вклучително и државните служби за безбедност. Со други зборови, имаме “наддржавен” мета-разузнавачки систем чија база на податоци може да биде извор на неограничена моќ. Веќе имавме прилика да искусиме како правовремената и прецизно насочена примена на внимателно селектирани информации од овој мета-систем може да даде значајни резултати.

Доколку руската дипломатска мисија во Скопје навистина успеала да го пробие кодот на нашата монструозна наддржавна тајна, тоа би било разузнавачко достигање достојно за респект. Но, подобро да не се занимаваме со шпекулации од типот “што би било, кога би било”. Единствено што е извесно во моментов е – дека Димитров бесрамно лаже. По функција, тој има пристап до “класифицираните” информации што ги имаат државните служби, но пристапот до вистински важните информации, оние од “наддржавен” карактер, му е строго ограничен. Тоа значи дека многу нешта не му се познати. Неговото однесување е стереотип за начинот на кој функционира било кој “корисен идиот”: донесува безусловна пресуда дека некој е виновен само затоа што некој му рекол дека е така, без да знае дали реченото е вистина или не.

Времето покажа дека лагата на Гордана Јанкуловска беше само пренадуен балон од кој, откако постепено е издишан, нема останато ништо. И пилците знаат дека нема Албанец во Македонија  чиј идеал е да го положи животот во светата борба против НАТО и САД. Нејзината искривена логика служи само за да создаде конфузија во умовите на оние што ја слушаат. Нејзиното парадирање пред телевизиските камери ќе остане само како сведоштво на едно време за кое сите попусто посакуваме да биде само дамнешно минато.

 

Операцијата "Монструм"

 

 

Сепак, по перфидноста, макијавелизмот и монструозноста на изречените лаги шампионското место без конкуренција му припаѓа на средно богатиот бизнисмен од Муртино. Ако има нешто што заслужува да го носи името “Монструм”, тоа е подмолноста со која Заев има згазено врз болката на семејствата на загинатите момчиња, и врз неподносливата мака на луѓето притиснати од дебилизираната, но сепак совршено функционална машинерија за репресија на Груевски. Нема ништо во него освен грамзивоста “да бидам диктаторче на местото од диктаторчето”.

Колин Пауел, десетина години откако Ирак е претворен од држава во хаос, јавно има признаено дека дека она што го зборувал во 2003 не било вистина. “Тогаш верував дека е така” е одбрана која изгледа дека е прифатена ако не на друго место, барем кај него дома.

Прашањето за нас денес е, колку на “нашите” домашни лажговци ќе им се даде можност во иднина, ако некогаш се побара одговорност за извршенот криминал, да се користат со вакви или слични олеснителни околности.  Денес секој еден од нив се однесува дрско, безобразно и арогантно заради тоа што се свесни дека, под околностите што ги имаме сега, нема никогаш да им биде побарано да дадат отчет за она што го прават. Нашата задача, искажана со зборовите на Доналд Трамп, е: да биде исушена барата-легло во која се котат паразити од секаков тип.

 

 

 

Leave a Reply